Пожарот на отпадот во Визбегово е изгаснат целосно по 24-часовна пожарникарска битка со големиот оган. Еден пожарникар се пожалил на премор, но нема посериозни повредени.
Првично беше пријавено дека пожарот избувнал од машина за сечење на железо и лимови, но сопствениците на отпадот вчера изјавија дека машината воопшто не била вклучена. Постојат сомнежи дека пожарот тлеел подолг период по што вчера одеднаш избувнал и се проширил на голема површина.
-Целосно е изгаснат пожарот. Последните екипи оставени за догасување се повлекоа во базата. Се работеше во текот на целата ноќ. Претходно, пожарот беше ставен под контрола, потоа се работеше на догасување и расчистување бидејќи имаше „врели точки“ кои беа детално проверени и изгаснати. Станува збор за отпадни материјали. Во тој хаос и при такви високи температури беше невозможно да се види што точно е опожарено, изјави Звонко Томески, командант на скопската противпожарна бригада.
Густиот чад одеше и кон Скопје и населбите меѓу отпадот и главниот град. Во пожарот гореа стари автомобили, но изгореле и акумулатори, батерии, гориво и масло од хаварисаните возила кои биле одлагани во огромен висок куп на отпадот. Отпадот е во сопственост на „АСД Метал груп“, истата фирма која заедно со уште тројца нејзини сопственици и управители е обвинета за ланскиот пожар на друга блиска локација кај Визбегово. Обвинителството отвори истрага.
-Oформен е предмет и се издаваат наредби за испитување на причините. Од безбедносни причини се уште не е извршен увид на лице место, но во веднаш штом се создадат услови на терен ќе излезат и вешти лица и инспектори за животна средина. Парцелата на која е настанат пожарот е на истото правно лице за кое е поднесено обвинение за кое се очекува почеток на судска постапка, одговорија од Јавното обвинителство.
Истрагата треба да ги открие причината за пожарот и какви последици предизвика за жителите на главниот град.
Миомир Серафиновиќ
