Тројцата обвинети полицајци за случајот поврзан со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ се осудени на условни казни. Кире Богатинов и Горан Лазаров добија условна казна од една година која нема да се изврши доколку не направат кривично дело во рок од три години. Нивниот колега Александар Темелков, пак, доби условна казна од две години која нема да се изврши доколку во рок од четири години не изврши друго кривично дело.
Тие се обвинети зашто не ја извршиле службената должност при вршење на контролите во дискотеката, односно при контролите на „Пулс“ не постапиле во согласност со пропишаните правила и во записниците навеле неактивно правно и одговорно лице.
Според обвинението, Богатинов и Лазаров прифаќале усни претставувања од лице, односно од сопственикот на дискотеката Дејан Јованов Деко што не било соодветно легитимирано и не побарале потребна документација. Додека, пак, обвинетиот Александар Темелков, при барањето за поведување прекршочна постапка, не ја проверил целокупната документација.
Обвинителката Спасенка Андонова при изведување на завршните зборови изјави дека во текот на постапката биле изведени многубројни материјални и вербални докази кои ги покажуваат пропустите на обвинетите, додека одбраната побара ослободување, бидејќи нивната вина не е докажана, обвинителството не доставило ниту еден доказ за прекршување на законот и се покажало дека при спроведување на контролата полицајците немале право да бараат лиценца за работа. Тие во текот на судската постапка се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Марија Митевска
