Вести Економија Македонија Топ вести

Филиповски: Постои реален ризик од стагфлација при слаб раст и висока инфлација

Ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток директно се одразува врз глобалните економски текови, оценува универзитетскиот професор Владимир Филиповски. Според него, берзанската цена на нафтата реагира на секоја нова информација, што води кон раст на цените, но и кон зголемена нестабилност на останатите пазари.

„Берзанската цена на нафтата е исклучително чувствителна и реагира на секоја нова информација од Блискиот Исток, при што секоја ескалација значи и пораст на цената. Паралелно, и другите пазари покажуваат знаци на нестабилност – особено пазарот на акции во САД, кој е волатилен, но сепак не бележи очекуван пад во услови на неизвесност. Технолошките компании, кои во голема мера ги движат индексите, продолжуваат со значајни инвестиции во бази на податоци и развој на вештачка интелигенција, од што се очекува зголемување на продуктивноста на среден и долг рок. Дополнително, на пазарот на државни обврзници во САД се забележува зголемена премија за ризик, со релативно високи приноси, што укажува на постоење на сериозни ризици и на кредитните пазари. Во вакви услови, доларот останува главна резервна валута и се перцепира како сигурно засолниште, иако паралелно постојат политики насочени кон негово слабеење со цел намалување на дефицитот“, вели Филиповски.

Тој предупредува дека неизвесноста отвора и прашања за можен ризик од стагфлација – комбинација на слаб економски раст и висока инфлација, сценарио познато од 70-тите години.

„Кога економијата се соочува со анимечен раст и зголемена инфлација, се отвора дилемата за стагфлација – состојба која историски сме ја виделе во 70-тите години, кога растот беше слаб, невработеноста растеше, а инфлацијата беше висока. Денес, прашањето е дали ниските стапки на раст, како што е растот на БДП во ЕУ од околу 0,8 проценти во првиот квартал, претставуваат најава за рецесија и стагнација, или пак технолошкиот напредок ќе придонесе за подобрување. Оваа неизвесност претставува сериозен предизвик за креаторите на монетарната политика, кои треба внимателно да балансираат меѓу контролата на инфлацијата и поттикнувањето на економскиот раст“, посочува Филиповски.

T.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицкоски најави поевтинување на горивата од понеделник

Дејан Дејан

Мицкоски: До 1 јули во Собранието ќе биде доставен предлогот за нов владин кабинет

Дејан Дејан

Еден загинат и повеќе повредени во руски напад врз Харков

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе