Десет лица се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случила доцна синоќа на магистралниот пат Свети Николе – Куманово, во близина на Овче Поле.
Во незгодата учествувале патничко комбе „фолксваген“ со кумановски регистарски ознаки и паркирано товарно возило „MAN“.

Според информациите од МВР, во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле две сопатнички од комбето, додека останатите осум патници се со полесни повреди.
– Нa 19.06.2026 околу 20:55 часот во ОВР Свети Николе е пријавено дека на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, Овче Поле е случена сообраќајна несреќа помеѓу патничко комбе „фолксваген“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од М.Т.(55) од Свети Николе и паркирано товарно возило „Mан“ со светиниколски регистарски ознаки. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле сопатничките од патничкото комбе Л.П.(53) и М.М.(33) двете од Свети Николе, додека со телесни повреди останатите осум патници, констатирани во Клиничка болница Штип. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Кочани, информираат од МВР.

Пожарникари од Свети Николе интервенирале во 21:02 часот, при што повредените биле извлечени од возилото и предадени на Итната медицинска помош.
Повредените биле пренесени во Клиничката болница во Штип, каде осум лица се задржани на понатамошно лекување, а две се упатени во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, информираат за Телма од клиничката болница во Штип.
Од ОВР Свети Николе е извршен увид на местото на несреќата, а причините за судирот се утврдуваат.
