Слободата на медиумите и на изразувањето е во пад, а последните три години падот е толку интензивиран што се изедначува со најнестабилните периоди од минатиот век како Втората светска и Студената војна покажува извештајот на УНЕСКО објавен денес по повод 3-ти мај ден на слободата на медиумите.
Над 60 активни вооружени конфликти во светот, манипулација со информации и мешање од злонамерни актери, насилството врз новинарите и нерасветлените убиства, намалената финансиска независност се само дел од причините за падот на слободата на медиумите во светот и во Македонија.
„ Самоцензурата порасна за повеќе од 60 отсто, поттикната од страв од одмазда, онлајн вознемирување, судско заплашување и економски притисок. Каде што независното новинарство слабее, општествата стануваат по изложени на дезинформации, поларизација, манипулација и насилство,. Слободата на печатот и независното новинарство не се секторски прашања. Тие се сили кои овозможуваат мир, отпорност и демократското управување“ – порачуваат од УНЕСКО.
Независните медиуми се камен-темелник на секое демократско општество а пристапот до медиумите и слободата на изразување се фундаментални човекови права, соопштија од ЕУ.
СЛАПП тужбите, безбедноста на новинарите и новинарките, притисоци од авторитарни режими, убиства на новинари кои не се истражени како и убиство во зоните на конфликт како Украина и Либан и особено Газа се дел од клучните проблеми кои ги истакнува официјален Брисел.
Политичкото влијание врз медиумите, финансиската зависност и економската состојба на медиумите се клучните фактори кои влијаат слободата на медиумите во Македонија и во светот, сметаат од Здружението на новинари на Македонија
„Воспоставување на Фонд за медиумски плурализам како јавна политика и решение за економската слабост која директно влијае врз квалитетот и независноста на новинарството не смее да се игнорира. Клучниот, системски проблем претставува финансиската зависност на медиумите кои често се принудени да зависат од политички и бизнис центри на моќ, што директно влијае врз нивната уредувачка политика“ – оценуваат од ЗНМ.
Од Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) нагласуваат дека слободата на медиумите зависи од финансиската слобода и од безбедноста на медиумските работници и новинарите.
„Мораме да имаме безбедни работни места, односно отказите вон законот мора да престанат. Ние постојано сме атакувани во онлајн просторот. Навредувани и тоа не само од граѓани, кои не знаат дека можеби го кршат законот, или дури и знаат и го кршат законот, туку и од политички елити, бизнис елити, од поединци. Но, во столбот на економските и социјалните аспекти, ние сме најкревки, ние сме најслаби. Еве ги резултатите: нашето истражување од минатата година утврди дека 69 проценти, а сега тој процент можеби е поголем, од медиумските работници работат за потпросечни плати“ – вели претседателот на ССНМ, Павле Беловски.
Според последниот извештај на„ Репортери без граници“ Македонија падна за дополнителни три места и сега се наоѓа на 45 место, девет места полошо од 2024 година.
Минатата година е регистриран пад во три од петте индикатори по кои се мери слободата на медиумите – политичкиот, економскиот и безбедносниот, кај легислативата е задржано исто ниво, а во социо-културниот индикатор бележи минимално подобрување па Македонија останува во групата на земји со „проблематична“ состојба во медиумската сфера.
Огнен Чанчаревиќ
