Вести Македонија Топ вести

Со домашни и британски пари ќе се градат болниците во Штип, Кичево и Тетово

Ќе се реконструираат клиничките болници во Штип, Кичево и Тетово, дел со домашни пари а дел од британскиот кредит.

Ова го потврди и министерот за здравство, Азир Алиу, кој во објава на својот Фејсбук профил, напиша дека проектот ќе се реализира преку комбинирање на државни средства и финансии од меѓународни финансиски институции.

За реконструкцијата на Клиничката болница во Тетово, според министерот, ќе бидат потребни околу 74 милиони евра.

Телма дознава дека првично биле договорени 40 милиони евра британски пари, но вредноста на проектот се зголемила па сумата стигнала до 74 милиони евра.

Околу 5 отсто од парите ќе се обезбедат од домашниот буџет.

„Со проектот за тетовската болница е предвидена целосна реконструкција и модернизација на постојните објекти, набавка на современа медицинска технологија и опрема, како и функционално поврзување на болничките објекти со топли коридори, со цел побезбедно и поефикасно движење на пациентите и здравствениот персонал. Дополнително, ќе се изградат и две нови современи згради. Од раздвоени и амортизирани објекти одиме кон интегриран, функционален систем подготвен за иднината. Од систем што доцни, кон систем што реагира навреме“ – тврди министерот Алиу.

Клиничката болница во Штип, пак, се градеше речиси една деценија со средства од Светската банка, но по прекинот на финансирањето, објектот остана недовршен.

Со новиот проект се предвидува продолжување на изградбата, како и реконструкција на Медицинскиот факултет и студентскиот дом.

Вкупната вредност на овие зафати се проценува на околу 148 милиони евра.

Изградбата на болницата во Кичево започна уште во 1985 година, а нејзиното завршување со години беше пролонгирано.

Се вложија милиони евра, а објектот никогаш не беше ставен во функција. Сега се планира изградба на нова болница, но на друга локација, додека постојниот објект ќе биде пренаменет или урнат поради откриени недостатоци.

Проектот е вреден околу 18 милиони евра, а новата болница се очекува  да функционира како регионален здравствен центар.

Минатата година, и министерот за здравство Азир Алиу и премиерот Христијан Мицкоски најавија стратешки договор со Обединетото Кралство за обнова и изградба на болничка инфраструктура, со вкупни инвестиции од над 200 милиони евра.

Симона Петровска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЕУ до 2029 година ќе воведе дигитално евро

Sasko Dimovski

Франција втор ден по ред го регистрира најжешкиот ден во историјата

Igor Trajkov

Трпеноски: Ситуацијата во Македонија е како трчање на лента, можете да истрчате 10-15 километри, aма трчате во место

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе