Вести Македонија Топ вести

СДСМ со тези за поткупот во Земјоделство, за власта научнофантастични

Кому ги носел парите од поткупот уапсениот директор на Државниот инспекторат за земјоделство, праша пратеничката од СДСМ,  Славјанка Петровска? Извади фотографии од кои, според неа, Васе Анакиев, бил уапсен со пари на подземниот паркинг во зградите Џевахир, каде стан има и министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.Министерот за внатрешни работи се насмеа на тезата и ја нарече научно-фантастична.

-Локацијата каде е уапсен директорот никогаш не беше кажана во јавноста. Дали намерно или ненамерно, таа е локацијата во подземни простории, гаражи, кои водат до домот на министерот за земјоделие. Каква случајност. Доказ за тоа е овој имотен лист кој потврдува дека на оваа локација, на улица Матеја Матевски во Скопје, на истата адреса стан има и министерот за земјоделие. И оттука, моето јасно прашање до вас е: дали вие или некој друг свесно и намерно во Министерството за внатрешни работи ја прекина операцијата, односно го уапси директорот пред тој да ги достави парите токму до министерот за земјоделие?, праша Петровска, пратеничка од СДСМ.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, рече дека мора да признае дека инвентивноста ѝ е сѐ подобра.

-Имате тези кои се поблиску до научна фантастика, отколку до реалноста. Врз основа на поставените прашања, народот ќе ве цени вас. Согласно моите информации што ги добив пред неколку секунди, во рамки на предметниот објект живеат многу поранешни и сегашни функционери. Лицето е апсено таму каде што е апсено, зашто таму ги примило парите, одговори Тошковски. 

Во одговор на прашање од мнозинството, премиерот се осврна на критиките кои доаѓаат од опозициската СДСМ, велејќи дека методолошки шират лаги.

„Кога ќе видите какви пораки праќаат и што зборуваат, загрижен сум за здравствената состојба на поединци во актуелното раководство на СДСМ. Јавноста е сведок на кампања и речник што не ѝ прилега на политичката сцена во Македонија“, рече премиерот Мицкоси и нагласи дека можеби треба да се бара лекарско (уверение) за пристапување во органите на партиите. Доби повторно критика дека станал и јасновидец.

„Станавте и психолог и наследник на баба Ванѓа, затоа сакам на следното прашање да ми одговори заменик-министерот за надворешни работи,дали ќе ги внесете Бугарите во Уставот?“, праша  Јована Тренчевска, пратеничка од СДСМ.

Зоран Димитровски ѝ одговори дека владата прави се за да им се објасни на европските партнери дека мора да се добијат одредени гаранции дека Македонија нема да биде кочена поради идентитетски прашања.

„Сите во Европа почнаа да разбираат зошто бараме гаранции за да не ни се повторуваат идентитетски барања, само вие во СДСМ не можете да разберете. Антонио Кошта разбира, Венко Филипче не, излегува дека тој е поголем патриот од него, рече заменик министерот за надворешни работи Зоран Димитровски. Тој побара да се изгради национален консензус за најважното прашање.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЕУ до 2029 година ќе воведе дигитално евро

Sasko Dimovski

Франција втор ден по ред го регистрира најжешкиот ден во историјата

Igor Trajkov

Трпеноски: Ситуацијата во Македонија е како трчање на лента, можете да истрчате 10-15 километри, aма трчате во место

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе