Синдикатите со поделени ставови за одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот. За едни, борбата за работнички права е на улица, за други решението е дијалог. Сојузот на синдикати на Македонија и овој 1 мај ќе организира протестен марш. Главната порака останува иста, зголемување на минималната плата. Според ССМ, повеќе од 200.000 работници во земјава земаат плата пониска од 600 евра.
„Уште на 4 мај, првиот работен ден по продолжениот викенд, сите оние кои ќе заминат на продолжен викенд, а ќе одлучат да не се придружат на работничкиот протест, ќе ги удри суровата реалност во глава, затоа што повторно ќе примат мизерни плати на почетокот на месец мај и нема да им стигне да врзат крај со крај во месецот, односно по 15-ти во месецот ќе се чудат дали со помош на некоја магија или некои други помошни средства ќе можат да преживеат за да го избуткаат месецот до 31-ви“, порача Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Синдикатот за образование, наука и култура нема да се приклучи на протестот. Наместо тоа, два дена пред Меѓународниот ден на трудот организираа конференција со претставници од институциите, а присуствуваа и КСС и гранкови синдикати.
„Ние го одбравме патот на дијалог и на преговори и резултатите ги постигнуваме на маса. Инаку тие го одбрале тој пат да одат по улици, тоа е нивната стратегија, така нека продолжат“, изјави Јаким Неделков, претседсател на СОНК.
Од ССМ им одговорија дека и меѓународни синдикални лидери доаѓаат во земјава за да ги поддржат протестите, а СОНК се дистанцира од реалните проблеми на работниците. Власта, пак, уверува дека ќе работи на подобрување на работничките права.
„Наша цел како министерство за економија и труд е да го откочиме процесот околу донесувањето на уставот во работничките права, а тоа е законот за работни односи кој што, за жал, 8 години се работи и сè уште не е донесен, со што би се направиле многу поквалитетни решенија во тој закон во однос на заштитата на работничките права“, рече Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд.
Традиционалниот првомајски протест ќе почне од пред зградата на ССМ ќе продолжи кон собранието стопанската комора и Владата.
Симона Петровска
