Цената на нафтата на светските берзи повторно скокна на 115 долари за барел, пред да се спушти на 114,37 по најавите во американските медиуми дека Соединетите држави се подготвуваат за продолжена поморска блокада на Иран. Волстрит Џурнал објави дека американскиот претседател Доналд Трамп наредил продолжување на блокадата во обид да изврши притисок врз иранската економија.
Според американските медиуми, Трамп се одлучи за продолжување на блокадата затоа што останатите опции, како продолжување на нападите или комплетно повлекување од конфликтот, биле далеку поризични.
Цените на нафтата континуирано се во пораст уште од почетокот на американската поморска блокада на иранските пристаништа пред 12 денови.
Техеран пак, продолжува да тврди дека поморската блокада нема никаков ефект затоа што извозот на иранска нафта продолжува преку други рути. Исламската држава, исто така, порача и дека ќе продолжи со попречувањето на целиот транспорт низ Ормускиот теснец, како одговор на американската блокада.
Но, и покрај тврдењата на режимот, кои како и секогаш се наменети како за домашната така и за светската публика, иранската економија и тоа како продолжува да го чувствува притисокот од војната и децениските санкции.
Иранската валута, риалот, денеска собори уште еден неславен рекорд со падот на неговата вредност. За еден американски долар потребни се 1,8 милиони риали.
Трамп, преку објава на социјалните мрежи, денеска ја повика Исламската република да се опамети и да постигне договор со Соединетите држави, за да заврши конфликтот.
Во својата прогноза за цената на енергенсите објавена вчера, Светска банка предупреди дека цените ќе се покачат за 24 проценти оваа година, највисокото нивно ниво од почетокот на руската инвазија на Украина, доколку нарушувањето на испораките поради војната со Иран заврши во мај.
Игор Трајков
