Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) соопштија дека ја напуштаат Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК), како и поширокиот формат ОПЕК+. Одлуката, како што информираат, ќе стапи на сила од 1 мај 2026 година, пренесува „Ројтерс“, но и медиумите во Заливот.
Одлуката се толкува како еден од најсериозните удари за ОПЕК во последните години. Емиратите членуваат во организацијата повеќе од пет децении и се еден од клучните производители на нафта во Персискиот залив.
Оценка на „Ројтерс“ е дека излегувањето на ОАЕ би можело да доведе до слабеење на единството во ОПЕК и дополнително да ги закомпликува односите во ОПЕК+.
Државната агенцијата ВАМ пренесе дека одлуката е донесена по „сеопфатна ревизија“ на производствената политика на сегашните и идни капацитети на ОАЕ, како и проценките на националниот интерес.
Одлуката на ОАЕ доаѓа во чувствителен момент за нафтениот пазар, додека земјите произведувачи се соочуваат со последици од кризата на Блискиот Исток и неизвесност во врска со снабдувањето.
Во меѓувреме, цената на нафтата на светските берзи надмина 110 долари за барел.
