Вести Култура Македонија

Две години по пожарот одново започнува реконструкцијата на Универзална сала

Градежна механизација на локацијата на Универзална сала, како најава на почетокот на реконструкцијата на објектот, две години откако се запали челичната контрукција. Денеска локацијата ја посетија градоначалникот Ѓорѓиевски, премиерот Мицкоски и министерот за култура и туризам Љутков. Архитектот Бујар Муча од архитектонското биро „ Мегарон Инженеринг“ кое го изработи проектот за реконструкција на објектот , ги претстави неговите карактеристики пред властите. Министерот Љутков кажа дека откако ги надминале правно – административните пречки со поделеното стопанисување меѓу Град Скопје и Министерството за култура, ја продолжиле постапката за реконструкција. Изведувачот „ Универзал Балкан“ почна да ја гради Универзална сала и по вториот тендер за време на актуелната власт е избран да продолжи. На негово барање биле извршени две испитувања на конструкцијата , плус уште едно лани и било констатирано дека оштетувањата од пожарот бараат само мали интервенции на 2-3 места. А, ќе се вградат нови материјали, кажа Љутков.

  • Се направени дополнителни измени во делот на влезот и во делот на администрацијата. Во делот на сценската технологија и хидраулика. Така што имаме многу новитети. Но, и еден од поголемите новитети е звучната изолација, која што ја имаме на самата купола. Бидејќи, како што знаете Универзална сала се наоѓа помеѓу стамбени објекти. Многу е важно да имаме позасилена звучна изолација, рече Зоран Љутков, министер за култура и туризам.

Известитор на реконструкцијата е владата преку ресорот Култура и туризам, со обезбедени околу 20 милиони евра. Проектот ќе се изгради по принципот „ клуч на рака“, а планирано е да биде готов до крајот на 2027 година, за да се вклучи во активностите на Скопје – ЕПК, во 2028 година.

  • Еден споменик од минатата би рекол постземјотресно, кој што буди емоции кај сите скопјани практично повторно да биде ставен во функција. Нека е аирлија почетокот на градежните работи. Како Град Скопје, бидејќи оваа активност и реализацијата на овој проект го прави владата преку Министерството за култура, ние како Скопје на крајот ќе треба да го преземеме, кажа Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Скопје.

Согласно европската регулатива за безбедност, новата Универзална сала ќе има околу 1.300 седишта, наместо претходнитe 1.500. Седиштата во партерот  ќе се склопуваат , со можност да се прошири сцената , а ќе се вградат енергетски ефикасни ЛЕД-сијалици наместо рефлектори. Во објектот ќе се одржуваат театарски престави, музички настани и филмски проекции.

Универзална сала се запали на 9 април 2024 година, еден месец откако продолжија градежните работи за нејзина реконструкција. Таа започна кон крајот на мандатот на градоначалникот Шилегов, во 2021. По доаѓањето на Арсовска на функцијата градоначалник, реконструкцијата запре со објаснување дека проектот е небезбеден и две години ништо не се работеше. Потоа со одлука на владата, Министерството за култура ја преземе Универзална сала, додека беше министерка Костадиновска-Стојчевска, и реконструкцијата продолжи до пожарот.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Скопјанец бил пресретнат со три возила, претепан и однесен во Шишево

Tea Dimkovska

Франција под засилени безбедносни мерки пред Самитот на Г7 

Tea Dimkovska

Тешка сообраќајка кај Љуботен – Повредени седум лица, меѓу нив и четири деца

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе