Различни генерации, различни интереси и можности ги обедини на едно место годинашниот Саем на книга. Различни се ставовите и на издавачите во однос на посетеноста, доколку се направи споредба со претходните години. Но како што велат и самите секогаш се радуваат на секоја нова средба со читателите.
-Да бидеме реални посетеноста во споредба со ланскиот саем во исто време и продажбата е сепак послаба. Сметам дека се должи на економската ситуација, сепак е една глобална криза, луѓето стравуваат за утрешниот ден и можеби малку апатија, вели Ненад Стевовиќ од книгоиздателството ИЛИ ИЛИ.
-Со оглед на тоа дека сме нација која сака акции и попусти очекував многу поголема посетеност, за жал луѓето заборавија една многу важна работа дека книгите не треба и не смеат да ни бидат луксуз, смета писателот Петар Андоновски.
-Има читатели, но не се толку како што биле порано. Мислам дека тоа е еден мој заклучок. Да, не е дека не се чита, но мислам дека читателите се се помалку и помалку секоја година и ние мора да работиме за младата читателска публика за тоа некако да се одржува, вели Билјана Црвенковска, книгоиздателство „Чудна шума“.
За Хана Корнети, добитничка на наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади за делото „ Илина и тајните на Бабин Заб“ важно е да бидеме оптимисти.
Дури и на моменти кога сум се чувствувала како да има една провалија и на другата страна од таа провалија нема никој, има има навистина читатели кои ми пишуваат пораки на фејсбук да ме прашаат што ќе се случи во вториот, што во третиот дел, вели пистелката за деца и млади, Хана корнети.
Во рамки на Саемот се одржаа и средби со странски издавачи од Велика Британија, Грција и Србија кои се на некој начин и предуслов за идна соработка.
Затоа и сите саеми ги имаат тие фелоушип програми, начин на вмрежување на луѓето од фелата, којашто барем до сега се покажала како успешен начин на пласман, вели Бојан Саздов, претседател на Македонска асоцијација на издавачи.
За посетителите Саемот на книга има долга традиција и таа треба да се негува.
-Драго ми е што гледам многу деца, многу ученици. И мислам дека овие настани се неопходни за да се стави акцент на читањето кај нас. И не само книгите, туку и книжевните настани што ги има се многу убави, рече еден посетител.
-Изнакупивме и гатанки и нови книги, Шелдон е многу интересен за нас пензионери, онака бегло многу да не размислуваат. Сега сме на почеток и уште ќе земеме, додаде друг.
Во рамки на 38. Саем на книгата кој ќе трае до 29 април се застапени над 65 издавачи, додека во текот на седумте саемски денови се предвидени над 150 програмски содржини.
Нина Стефанова
