На Институтот за комуникациски студии се спроведуваат истражувања кои се фокусираат на улогата на инфлуенсерите и влијанието на странското мешање врз поларизацијата во општеството, посочува Владимир Делов кој е проектен менаџер на Институтот.
Тој истакнува дека традиционалните медиуми веќе не се примарен извор на информации, особено кај младите, кои сè повеќе се информираат преку социјалните мрежи.
„Традиционалните медиуми веќе не се извор на информации, сега се социјалните медиуми, особено кај младите“, вели Делов.
Според него, денес постои „хибриден медиумски систем“ кој носи ризици поради отсуство на уредувачка политика кај новите медиуми, каде секој може да објавува содржини без контрола.
„Во тој контекст денес имаме хибриден систем на медиуми кои има одредени слабости, бидејќи ако кај традиционалните има уредувачка политика, кај новите медиуми нема и секој може да напише што сака“, нагласува тој.
Делов предупредува дека радикализацијата не може да се одвива без манипулација, при што странско влијание може да се засили преку локална поддршка и ширење на информации на различни дигитални платформи.
„Не може да има радикализација без манипулација“, посочува тој, додавајќи дека такви содржини сè почесто се појавуваат и на платформи како Телеграм и гејминг-канали.
Т.Д.
