Психоделичната супстанција МДМА, позната како екстази, се истражува како можен третман за посттрауматско стресно нарушување (ПТСР) кај воени ветерани во Обединетото Кралство.
Клиничкото испитување се спроведува во Кембриџ и е одобрено за ограничена медицинска употреба, а е финансирано од хуманитарната организација „Supporting Wounded Veterans“.
Истражувањето се одвива во период кога голем број поранешни војници, меѓу кои и ветеран ранет во Авганистан, и понатаму се соочуваат со сериозни психолошки последици, и покрај долгогодишен третман. Лекарите кои работат на студијата наведуваат дека МДМА, кога се применува во строго контролирани услови, може да помогне во намалување на стравот и зголемување на чувството на доверба, што се смета за клучно во процесот на терапија на трауматски искуства.
Првичните резултати од истражувањата се охрабрувачки, а интересот за психоделични терапии расте, особено кај пациенти кај кои досегашните конвенционални методи не дале задоволителни резултати.
Сепак, експертите предупредуваат дека регулаторните процедури во Обединетото Кралство се сложени и финансиски оптоварувачки. Дел од поранешните високи воени функционери повикуваат на олеснување на процедурите за да се забрза научниот напредок во оваа област.
Владата најавува дека ги разгледува можните законски измени, но истовремено нагласува дека терапевтската примена на вакви супстанции нема да биде дозволена без јасни научни докази за нивната безбедност и ефикасност.
Извор на фотографија: Социјална мрежа „Х“
Т.Д.
