Организирана криминална мрежа која нелегално увезувала и дистрибуирала медицински препарати, вклучително и ботокс, филери и хијалурон, а потоа ги користела при естетски интервенции, е разбиена во координирана акција на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и МВР.
Во акцијата извршени се претреси на повеќе локации во Скопје, Струмица и Битола, при што се приведени 14 лица. Меѓу нив има вкупно четворица лекари од јавни здравствени установи – тројца од ЈЗУ „8 Септември“ и еден од Универзитетската клиника за дерматологија – Скопје. Останатите осомничени се сопственици и управители на приватни дерматолошки ординации и фирми, како и лица кои организирале транспорт, складирање и продажба на нелегално внесени медицински средства.
Од МВР информираат дека станува збор за две злосторнички здруженија кои во текот на 2026 година набавувале фалсификувани медицински лекови и помагала од Србија, Кореја и Турција, кои потоа нелегално ги внесувале во државата и ги дистрибуирале преку мрежа на правни лица во Скопје и Битола.
„Со намера да се стекнат со противправна имотна корист од големи размери набавиле фалсификувани медицински лекови и медицински помагала, кои биле внесени на нелегален начин и користени за апликација врз трети лица“, велат од МВР.
Според Обвинителството, дел од осомничените, иако знаеле дека препаратите немаат одобрение од МАЛМЕД, ниту соодветна декларација и упатство, сепак ги користеле при естетски интервенции, со што директно го загрозиле здравјето на граѓаните.
„Осомничените вршеле естетски интервенции со нелегално набавени медицински средства, со што предизвикале сериозна опасност по животот и здравјето на луѓето“, соопштија од обвинителството.
Во истрагата се опфатени 19 физички и шест правни лица, а меѓу осомничените има и царински службеник, кој според наводите, во два наврати примил поткуп за да овозможи влез на нелегална стока без задолжителна царинска контрола.
Истрагата опфаќа и блиски сродници на дел од осомничените, кои учествувале во складирање и чување на нелегалните лекови во приватни објекти. При претресите дополнително биле пронајдени и одземени поголеми количини ботокс, филери и други медицински препарати, 39.285 евра, 2.490 швајцарски франци и 26.000 денари, патничко возило „Порше“, мобилни телефони, како и друга документација и предмети поврзани со делото.
Обвинителството ќе побара притвор за 12 осомничени, додека за останатите ќе бидат предложени мерки за обезбедување на нивното присуство во постапката.












