Вести Македонија Најважни

Еден работник загина, а четворица се повредени при изградба на зграда во Скопје

Еден работник загина, а четворица се повредени кога врз нив се урнала едната страна од ископ на темели за зграда и ги затрупала со земја, во населбата Расадник во општина Кисела Вода. Тие се извлечени од под купот земја со помош на противпожарната служба на Град Скопје, при што лекарите од  брзата помош на лице место констатирала смрт кај еден од настраданите

  • „Чекавме да биде извлечен од насипот на земја, беше затрупан, и потоа започната е реанимација, но безуспешно. За жал, само констатирана е смрт“, изјави за Телма д-р Драган Панов, шеф на смена на Итната медицинска помош.

Јавниот обвинител кој извршил увид на местото на несреќата дал налог за обдукција на починатиот, информираа од Основното јавното обвинителство – Скопје, од каде информираат дека  од нивна страна е отворен предмет за случајот.

Тројцата повредени кои се на возраст меѓу 35 и 45 години со брз помош веднаш биле пренесени во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде кај едниот од нив се констатирани тешки телесни повреди.

  • „Еден пациент е префрлен на КАРИЛ му направија иследувања, во моментов е на мониторинг таму и се подготвува за оперативен третман. Со тешки телесни повреди, има повреда на надколеница и подколеница и во моемнтов е стабилен, но тие повреди потенцијално можат да донесат понатаму и компликации. Друг пациент е на 39 години со повреда, луксација на лакт, лактот е репониран, тој сега се доиследува и ќе биде примен само за опсервација. Во моментот не се планира некаква оперативна интервенција. И третиот пациент е со телесни повреди, површински повреди на коленото, пред се“, изјави за Телма д-р Оливер Арсовски, раководител на Трауматологија при ТОАРИЛУЦ на Универзитетската клиника „Мајка Тереза“.

Три часа по несреќата на Трауматологија е донесен и четврти работник и од таму за Телма информираат, дека врз него се извршуваат иследувања и оти најверојатно се работи за лесни телесни повреди.

Од МВР информира дека кај нив несреќата била пријавена утрово и оти во тек е истрага за несреќата.

  • „Денеска во 8 часот и 17 минути во Секторот за внатрешни работи – Скопје е пријавено дека на градилиште на улица „Козјак“ во Скопје при ископ на темели, земја има затрупано работници. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираше Гоце Андреевски, портпарол на МВР.

Освен полицијата и Обвинителството, истрага за причините за несреќата и за почитување на прописите за заштита при работа вршат и инспектори од Државниот инспекторат за труд и надлежен градежен инспектор.

Инаку станбено-деловниот објект на ул. Козјак бр. 4 е на инвеститорот „НАР Инвестмент“ ДООЕЛ од Скопје на поранешниот градоначалник на општина Аеродром, Ивица Коневски. Телма контактираше со Коневски, но тој не сакаше да зборува за настанот, велејќи дека истрагата ќе покаже како дошло до несреќата. Коневски во разговорот рече дека градбата  ги имала сите потребни документи и дозволи.

Од инфо таблата за градбата поставена веднаш до ископот, на кој јасно се чита дека изведувач на градбата е „Компанија Јакимовски“ ДООЛ од Скопје, а за надзорот е задолжена фирмата „Сара – 4“ ДОО од Скопје. Телма стапи во контакт и со вработени лица од овие компании кои рекоа дека без дозвола од сопствениците не смеат да даваат никакви информации поврзани со несреќата.

Тамара Грнчароска

Б.С.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Скопјанец бил пресретнат со три возила, претепан и однесен во Шишево

Tea Dimkovska

Франција под засилени безбедносни мерки пред Самитот на Г7 

Tea Dimkovska

Тешка сообраќајка кај Љуботен – Повредени седум лица, меѓу нив и четири деца

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе