Вести Економија Македонија Најважни

Македонците лани потрошиле 427,8 милиони евра во вкупно 12,4 милиони онлајн трансакции – најмногу купувале авиобилети и резервирале хотели

Македонците лани потрошиле 427,8 милиони евра во вкупно 12,4 милиони реализирани онлајн трансакции, купувајќи производи и услуги најчесто поврзани со патувања (авиобилети и резервации на хотели), соопшти Асоцијацијата за е-трговија која ги анализира објавените податоци од Народната банка за трансакции со платежни картички според типот на уредот во 2025 година.

Во однос на 2024 година, Македонците потрошиле 50 % повеќе во вредност, а бројот на е-трансакциите е зголемен за 69 %. Просечната трансакција изнесувала 34 евра и помала е за 11 % во однос на минатата година. Притоа 74 % од вредноста и 83 % од бројот на направените трансакции се во Ирска, Холандија, Обединето Кралство, САД, Унгарија, Германија, Кипар и Луксембург.

Македонците оствариле најголема вредност на е-трансакции во Ирска, во износ од 92,1 милиони евра, што претставува пораст од 173 % во однос на минатата година, а во Холандија е остварена вредност од 62.4 милиони евра или 49 % во однос на 2024 година.

Анализата покажува дека во Ирска е направен и најголем број или 4,8 милиони е-трансакции од страна на Македонците, а потоа 2,1 милиони во САД, додека најголем годишен пораст на бројот на е-трансакциите во 2025 година е забележан во Германија скоро 650 %, а во Кипар 263 %.

Највисока просечна вредност на е-трансакција Македонците оствариле во Унгарија од 152.2 евра, иако помалку од лани за 2.1%, додека во Луксембург направиле најниска просечна трансакција и истата изнесува 14.1 евра. Во 2025 година се забележува драсатичен пад на просечната трансакција во Германија од скоро 70% која минатата година беше највисока и изнесуваше 214.2 евра.

„Ирска има најголемо учество и во вредноста и во бројот на трансакции, пред сè, зашто таму се лоцирани европските операции на глобални компании како Amazon, Google, Meta и Apple, но дополнително и таму оди наплатата за купувањата од Temu, како и бројни дигитални услуги, апликации и subscription платформи. Веднаш потоа следи Холандија, како значаен е-commerce и логистички хаб во Европа, но и седиште на платформи како Booking.com, што ја објаснува нејзината силна позиција, особено во сегментот на патувања и резервации“, вели претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска Станков.

Таа оценува дека и САД имаат значајно учество, што е очекувано имајќи предвид дека таму се седиштата на дел од најголемите глобални платформи како Amazon, eBay, Netflix и други дигитални сервиси.

„Обединетото Кралство останува важен пазар поради развиената онлајн малопродажба и големиот број е-трговци кои директно продаваат на европските пазари. Од друга страна, растот кај земји како Кипар укажува на зголемената улога на фин-тек компании и платежни процесори, односно на тоа дека сè поголем дел од трансакциите се процесираат преку меѓународни посредници. Истовремено, промените кај традиционални хабови како Луксембург укажуваат на прераспределба, а не на намалување на трансакциите, односно на диверзификација на корпоративните и платежните структури на глобалните компании. Овие трендови потврдуваат дека географската распределба на онлајн купувањето сè повеќе ја следи структурата на глобалната дигитална економија, каде земјата на евиденција на трансакцијата не мора да ја одразува реалната локација на производот или услугата. За македонските потрошувачи ова значи поголема достапност и избор, но истовремено и зголемен одлив на средства кон странски платформи“, дополнува Ангеловска Станков.

Асоцијацијата за е-трговија најавува дека 9. регионална конференција за е-трговија ќе се одржи на 3 ноември 2026 година и ќе понуди нови можности за едукација, размена на искуства и вмрежување.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Скопјанец бил пресретнат со три возила, претепан и однесен во Шишево

Tea Dimkovska

Франција под засилени безбедносни мерки пред Самитот на Г7 

Tea Dimkovska

Тешка сообраќајка кај Љуботен – Повредени седум лица, меѓу нив и четири деца

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе