Трошиме околу девет милиони денари годишно, дополнителни средства, за изнајмување на механизација за собирање и одложување на кабаст отпад во депонијата „Дрисла“, изјави Александар Стојкоски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Најдобро би функционирала „Комунална хигиена Скопје“ доколку се распредели по општините. Односно секоја општина да имаме наше комунално претпријатие. На тој начин многу полесно би ги детектирале и решиле работите во истиот момент. Општина Ѓорче Петров веќе втора година по ред изнајмува комунална опрема за справување со кабастиот отпад и на тој начин вложуваме дополнителни средства за кои не добиваме надомест од граѓаните. Немаме можност како општина да ја наплатиме таа услуга и не ја наплаќаме. Ако ние како општина би го добивале соодветниот дел кој што и сега жителите на Ѓорче Петров го плаќаат кон „Комунална хигиена Скопје“, ние со тој фонд на пари сметаме дека многу поуспешно би се справиле во однос на ѓубрето“, посочи Стојкоски.
С.Д.
