Кулминира проблемот со скратените часови за лични асистенти на лицата со попреченост. Како што рекоа од Коалицијата „Менуваме“, со исклучок на поединци во Западна Македонија, останатите добиле решенија од Центарот за социјални работи за 50 часови месечна асистенција, од максимални 80, што ги добивале изминатите години. Реагираа и дека доцнела исплатата за март на личните асистенти. Најавија протести и поднесување кривични пријави за поединци во Министерството за социјална политика, доколку во следните две седмици не им се исполнат барањата.
„Бараме средба веднаш, во рамки на можностите на премиерот Христијан Мицкоски. Веднаш и сега поништување на сите донесени решенија, со решенијата кои се донесени вчера без никаква евалуација. Сега и веднаш до петок да бидат исплатени паричните средства за месец март. И наредните месеци бараме да бидат до 15-ти, а не до 22. Бидејќи овие асистенти не може цел месец да бидат без финансиски средства“, вели Суарет Алишан од Коалицијата „Менуваме“.
Лицата со попреченост кажаа дека кратењето на часовите е направено без промена на нивната здравствена состојба и дека Комисијата што одлучува за тоа е некомпетентна.
„Која е таа физичка промена што е променета? – Кој е тој лекар што нè прегледа?“, прашува Коце Димов, лице со попреченост.
А, личните асистенти прашаа како да ги прилагодат на дневна основа скратените часови со корисниците.
„Педесет часа јас не знам како да ги поделам во сите 22-23 работни дена за да станат три часа“, реагира Светлата Главинова- Павловска, личен асистент.
Комисијата за Антидискриминација започна постапка за утврдување дали има дискриминација со кратењето часови за асистенција. Претседателот Томшиќ за Телма вели дека сѐ уште не го добиле дописот од Министерството за социјална политика, но им ветиле дека ќе го испратат. Според него, проблематично е што решенијата се изготвени од канцеларија, без увид во домовите на корисниците, согласно Законот за социјална заштита.
А, од министерството за социјална политика со одговор дека проценката за обемот на часови за лична асистенција, стручните лица при месно надлежните центри за социјална работа не ја вршат врз основа на медицинска документација, туку врз основа на реалните секојдневни потреби на корисникот.
За оваа година, по однос на склучените управни договори во Град Скопје 34% од корисниците имаат добиено решение за користење на услуга со 80 часа месечно, 16% имаат решение со 70 часа месечно, 27% имаат решение со 60 часа месечно, 20% имаат решение со 50 часа месечно, а 3% имаат решение со 40 часа месечно, велат од ресорното министерство.
Сотир Трајков
