Eдинаесетте активни студенти на Филозофскиот факултет на кои им се прекинати студиите се студенти од дефектологија или по ново специјална едукација и рехабилитација, дознава Телма. Тие биле запишани на мастер и на докторски студии пред околу две години, а сега со одлука на просветен инспекторат студирањето им е поништено.
Одлуката тие да бидат запишани во систем ја донел колегиумот, па извештајот го доставиле до научно наставниот совет по што на крајот потпис ставил деканот. Оттука се отвора прашањето дали ќе има евентуална кривична одговорност кај стручниот кадар што го дозволил случајот.Според министерката за образование и наука тоа ќе го утврдуваат надлежните служби.
„Би сакала да верувам дека ова е изолиран случај и дека не е тенденциозно направен, но токму поради тоа другите институции ќе си го кажат зборот и како ќе утврдат тие така и ќе биде“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Освен овие случаи, засегнати се уште осум лица кои веќе се стекнале со звањето магистер на истиот факултет. Извори на Телма велат дека овие студенти магистрирале по стар закон и се сомневаат дека на нив ќе им бидат поништени дипломите. Но според надлежните оваа одлука допрва ќе се одлучува.
„Јас се уште го чекам извештајот но доколку се поништи уписот следи и поништување на дипломите“, додава Јаневска.
Според надлежните, првичните неправилности датираат од 2019-тата година, веднаш по законските измени од 2018-тата година. Инспекторатот утврдил дека овие студенти не ги исполнувале условите, односно немале право да запишат постдипломски студии бидејќи претходно завршиле стручни, наместо академски студии .
Извори за Телма тврдат дека вакви пропусти можеби постоеле и на други факултети. Дел од академската јавност дополнително отвора сомнежи дека овој случај се поврзува и со изборот на ректор на УКИМ кој ќе биде наредната недела. Во трка се двајца кандидати, актуелната ректорка Биљана Ангелова, и Дарко Данев, редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје.
Симона Петровска
