„Народот на Крива Паланка треба да се праша преку референдум за рудникот за антимон. Градоначалникот Сашко Митовски, не може да одлучува сам или да се договара со Мицкоски“, пишува во партиското соопштение од СДСМ.
Реакцијата следува по интервјуто на градоначалникот на Крива Паланка Сашо Митевски за „ТОП ТЕМА„ на Телма во кое тој изјави дека проектот за ископ на антимон во рудникот Крстов Дол го гледа од економски аспект, односно од можностите и придобивките што би ги имала Општина, а не низ политичка призма или политички аспект. Во однос на референдумот, Митовски кажа дека „организирањето на референдумот не смее да биде врз база на емоционална или политичка одлука“,
Од СДСМ инсистираат да се одржи референдум на кој ќе се слушне гласот на граѓаните на Крива Паланка наместо за рудникот,како што велат, да одлучуваат „експерти поврзани со ВМРО-ОКГ и бизнис интересите на Мицкоски“.
„Градоначалникот мора првенствено да ги слуша своите граѓани, а не човекот кој ја гледа државата како свој тендер.Мора да знае градоначалникот Митовски кога се слуша со Мицкоски, човекот кој се занимава исклучиво со својот приватен бизнис, носи часовници од 65.000 евра додека народот гладува, купува приватни авиони и прави струја преку почесни конзули како неговиот пријател Душан Адамовиќ, дека референдум мора да има“.
Според СДСМ копањето антимон е една од најтоксичните рударски дејности во светот.
„Тоа носи сериозни здравствени ризици – респираторни заболувања, оштетување на срцето, проблеми со црниот дроб и бубрезите, дерматитис, анемија, репродуктивни нарушувања и зголемен ризик од рак на белите дробови. Антимон триоксид е класифициран како веројатно канцероген за луѓето“, велат од партијата.
