Портпарол на израелската армија соопшти дека Израел им се приклучил на Соединетите Американски Држави во нападите врз Иран, оценувајќи дека режимот во Техеран претставува „реална егзистенцијална закана“ за израелската држава, Блискиот Исток и светот.
Бригадниот генерал Ефи Дефрин изјави дека станува збор за „широка, заедничка и координирана операција“ насочена кон значително ослабување на иранскиот режим и неговите капацитети.
Во видео-обраќање од Ерусалим, премиерот Бенјамин Нетанјаху го обвини Техеран дека се обидува повторно да ги изгради своите нуклеарни и ракетни капацитети и предупреди дека без итна акција, Иран ќе стане „недопирлив“.
Иранските медиуми претходно јавија за напади низ целата земја, при што првите удари биле во близина на канцелариите на врховниот лидер Али Хамнеи.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека започнале „големи борбени операции“ во Иран, откако САД со месеци го засилуваа военото присуство на Блискиот Исток и најавуваа можност за употреба на сила.
