Пристигнаа нови пријави од измамени битолчани, само неколку дена откако битолската полиција разби група која оперираше во Битола и со измами за наводни сообраќајни несреќи извлекуваше илјадници евра од граѓаните. Осумдесет и четиригодишна битолчанка пријавила дека била измамена за сума од 9.600 евра.
- „Претходно лицето ѝ се јавило, се претставило како лекар и ѝ кажало дека нејзината ќерка се здобила со скршеници и било потребно да се направи итна операција за што треба да плати. Таа ги дала парите на едно лице кое дошло пред нејзината зграда, а откако подоцна се слушнала со нејзината ќерка сфатила дека е измамена“, информираат од СВР Битола.
И вчера, СВР Битола информираше дека 83-годишен битолчанец на ист начин бил измамен за сума од 10 илјади евра. Случајно или не, двете оштетени лица живеат на иста улица во Битола.
Полицијата на 22 февруари поднесе кривични пријави против четири лица кои со вакви измами одзеле околу 60 илјади евра од граѓани во повеќе градови во државата. Двајца од осомничените се во притвор.
Според истрагата, граѓаните биле прецизно таргетирани, а измамниците однапред ги знаеле имињата на нивните блиски за кои тврделе дека се повредени во сообраќајка. . За време на телефонскиот разговор не им дозволувале да ја прекинат линијата се додека не им ги предадат парите.
Координаторот на групата ги регрутирал останатите членови преку огласи за работа на интернет и ги испраќал на адресите да ги подигнат парите.
Од полицијата апелираат граѓаните да не наседнуваат на телефонски повици со лажни сообраќајни несреќи.
Емилија Мисирлиевски
Б.С.
