Како дел од својата општествено одговорна кампања „Крени глас против врсничкото насилство“, „Макпетрол“ издаде нов прирачник за препознавање и справување со врсничкото насилство, наменет за едукација и поддршка на децата, родителите и наставниот кадар. Во соработка со Министерството за образование и наука, овој документ ќе биде доставен до основните училишта во земјава. Освен на македонски, прирачникот е објавен и на албански, турски, српски и на бошњачки јазик.
Во рамки на кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“ на „Макпетрол“ е издаден нов прирачник за препознавање и справување со врсничкото насилство, кој во соработка со Министерството за образование и наука ќе биде доставен до основните училишта во земјава. Прирачникот го подготви психологот Деспина Стојановска која што ги предводеше едукативните работилници со учениците. Во повеќе од 150 основни училишта во 26 општини кои што се приклучија на кампањата на „Макпетрол“ се одржаа 620 работилници на кои присуствуваа над 18,000 ученици.
„Имајќи предвид дека проблемот со врсничкото насилство е мошне сериозен сметаме дека пристапот кон решавање на проблемот треба да биде долгорочен, а не само одреден број активности кои ги одбележаа претходните две години .Во рамките на кампањата против врсничко насилство „Крени глас против врсничкото насилство“ на „Макпетрол“ од страна на психологот Деспина Стојановска беше подготвен овој прирачник, а Макпетрол секогаш пристапува кон работите со долгорочни активности, па така и во своите општествено одговорни активности“, изјави Марија Јосифовска-Спасовска, Главен оперативен директор на „Макпетрол“.
За министерката Јаневска денешната средба и поводот за неа е потврда за исклучително успешната кампања која Макпетрол ја водеше против врсничкото насилство.
„Им благодарам особено многу на раководните структури за нивната општествена одговорност, затоа што на министерството му е полесно да се справува со предизвиците кога има што е можно повеќе партнери во борбата против негативностите кои се јавуваат во општеството. Како што сум информирана спроведени се околу 620 работилници во кои учествувале над 18000 ученици и над 3000 родители што е од исклучителна важност за нашето општество, односно за младите луѓе кои утре ќе го водат општеството“, рече Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
„Лично сметам дека кампањата остави голем печат во општеството и дека буквално ги помести нормите за она што е општествена одговорност. Ми претставува особена чест и задоволство, што Министерството за образование го препозна овој успех и што денес одбележуваме почеток на заедничка соработка. Нашата надеж е дека овој прирачник ќе биде успешно искористен во училиштата и ќе обезбеди дополнителна поддршка при развојот на учениците. Се надеваме дека прирачниците ќе бидат успешно дистрибуирани до училиштата, а нашите очекувања се и она што е наша главна цел прирачникот да ги оствари своите очекувања и да придонесе за решавање на проблемот со врсничкото насилство со учениците“, вели Марија Јосифовска-Спасовска, Главен оперативен директор на „Макпетрол“.
Воедно прирачникот на „Макпетрол“ во издание на „Арс Ламина“ ги помина сите процеси на одобрување од Бирото за развој на образованието и од Министерството за образование и наука, кое што ја поддржа оваа активност на македонската компанија.
Нина Стефанова
Дигитална обработка: T.Д.
