Министерството за образование и наука од денеска започнува со посети на универзитетите низ земјава во рамки на јавната расправа за новиот Закон за високо образование.
Како што најави министерката за образование и наука, Весна Јаневска, целта на посетите е да се отвори директен дијалог со академската заедница и да се слушнат сите забелешки, предлози и сугестии во однос на законското решение.
Од Министерство за образование и наука информираат дека ќе бидат организирани средби на кои ќе можат да присуствуваат сите професори кои сакаат активно да учествуваат во јавната расправа. На овие состаноци ќе се дискутира за спорните членови од предлог-законот, со можност за аргументирана дебата и размена на ставови.
