Вести Македонија

Здружението на инфлуенсери го отфрла Правилникот на АВМУ и предлага Кодекс согласно европските практики

Здружението на инфлуенсери и креатори на дигитални содржини ја информира јавноста дека во целост ги отфрла Правилникот и Водичот донесени од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), оценувајќи дека истите се надвор од законските рамки и не се усогласени со реалноста на дигиталниот простор.

Според ставот на инфлуенсерите, предложените акти не нудат системско решение за транспарентноста и одговорноста во интернет комуникацијата, туку отвораат простор за правна несигурност, различни толкувања и дополнителен хаос во онлајн сферата. Наместо да придонесат кон уредување на областа, тие создаваат ризик од селективна примена и ограничување на креативната слобода, без јасна законска основа и без претходна широка консултација со засегнатите страни.

Инфлуенсерите, влогерите и јутјуберите со повеќе од 10.000 следбеници треба да се регистрираат во АВМУ

Здружението нагласува дека инфлуенсерите не бегаат од одговорност, редовно плаќаат данок во Македонија, наспроти сите невистини кои се ширеа во медиумите во изминатиот период и дека ја поддржуваат потребата од транспарентност, јасно означување на комерцијалните содржини и почитување на етичките стандарди. Сепак, тие сметаат дека ваквите прашања мора да се уредуваат преку инклузивен процес и решенија што ќе бидат во согласност со законите и европските практики, а не преку акти што излегуваат надвор од утврдените надлежности.

Согласно изработената европска анализа за тоа како оваа проблематика е решена во земјите членки на Европската Унија, Здружението достави предлог до министерот за дигитална трансформација, со кое се предлага донесување Кодекс кој ќе се темели на принципите на саморегулација и ко-регулација. Во најголем дел од државите членки, прашањето на инфлуенсер маркетингот се регулира преку јасни насоки за означување на спонзорирана содржина, едукација и соработка меѓу индустријата и институциите, а не преку рестриктивни и еднострано наметнати подзаконски акти.

Предложениот Кодекс има за цел да воспостави јасни, применливи и пропорционални правила што ќе обезбедат заштита на јавниот интерес, особено на потрошувачите и малолетниците, а истовремено ќе ја почитуваат слободата на изразување и спецификите на дигиталната економија. Овој пристап, според Здружението, претставува единствен одржлив и европски усогласен модел за уредување на интернет просторот.

Здружението на инфлуенсери и креатори на содржини ги повикува институциите да го повлечат спорниот Правилник и Водич и да отпочнат отворен и транспарентен дијалог со сите релевантни чинители, со цел изнаоѓање решение кое ќе донесе правна сигурност, јасни правила и стабилна рамка за развој на дигиталната комуникација во Македонија.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Два силни земјотреси со јачина од 7.5 и 7.2 степени ја погодија Венецуела

Дејан Дејан

ЕУ до 2029 година ќе воведе дигитално евро

Sasko Dimovski

Франција втор ден по ред го регистрира најжешкиот ден во историјата

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе