Тројца професори и двајца државни службеници го поминаа филтерот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, за членови на новиот Совет за граѓански надзор. За останатите две места, ќе се распишува нов оглас.
„Чуварот на приватноста“ кога државата ја следи комуникацијата, денеска повторно во обид да го комплетира составот. На крајот на 2024 година, Комисијата за избори и именувања даде свои предлози, но тогаш помина рокот и на пленарна седница не беа изгласани имињата кои го поминаа филтерот, а имаше и критики дека дел од кандидатите се со партиско минато.
Овојпат членовите на комисијата кренаа рака за пет имиња, тројца на предлог на ВМРО-ДПМНЕ и двајца на предлог на коалицискиот партнер Вреди. Според пратениците од опозицијата, двата предлози на Вреди се проблематични и постои опасност од партизација на Советот за граѓански надзор. Од владиниот коалициски партнер, пак, возвратија дека тие наводи се тенденциозни.
„Во овој цел процес, вие со овие предлози коишто ги давате за вакви непрофесионални кадри ставате дамка и со тоа сите ние да имаме сомнеж како овој совет понатаму би профункционирал. На вашиве кадри коишто ги кажавте вие од Влен, барајте им негде затоа што вие сте власт, можете да ги згрижите секаде. Ама овде во овој Совет за граѓански надзор не треба да ги згрижувате“, кажа Миле Талевски, пратеник од СДСМ.
„Јас оваа работа ја гледам како тенденциозна. Не станува збор за професионалноста, туку имате политички пристап против коалицијата Влен и двајцата коишто ги предложив. Јас не ги знам лично, но тие се избрани во листата каде што конкурирале“, кажа Беким Ќоку, пратеник од Вреди.
Минатиот пат, единствен член од академската заедница беше професорката од Факултет за безбедност, Катерина Крстевска-Савовска. Овојпат, предложена е за претседател на Советот за граѓански надзор. Од 2005 е вработена на Факултетот во Идризово, а има работно искуство и во МВР, во Интерпол одделот. Поминаа и кандидатите за членови Билјана Каровска-Андоновска, професорка на воената академија и Марјан Николовски, проф. на Факултетот за безбедност. Тие беа предложени од ВМРО-ДПМНЕ.
Кандидатот предложен од Вреди, Неат Дураку, се кандидирал како член од невладиниот сектор. Но, неговото име се наоѓа и на веб-страницата на Министерството за социјална политика, демографија и млади – како раководител на одделение за превод и лекторирање, што тој го нема наведено како работен ангажман во својата биографија. Од 2017 година досега е претседател на Институтот за истражување на политики и добро владеење. На последните избори бил заменик член на избирачки одбор во Сарај.
Кандидатката Натира Дика-Крлуку како дел од своето работно искуство, во личната биографија има наведено дека работела во ЈП за Државни патишта, од 2023 година до сега. Во својата кандидатура за членка на Советот, навела дека е со докажано искуство во телекомуникациската индустрија.
Инаку Законот за следење на комуникации предвидува Советот да има претседател и шест членови (независни) од кои тројца експерти во областа и тројца од невладиниот сектор кој покрива теми поврзани со човекови права и безбедност.
Петар Догов
