Четири места повисоко, но без реално подобрување на Индексот на перцепција на корупцијата на „Транспарентност“. Македонија минатата година е рангирана на 84 позиција меѓу 182 држави. Со резултат од 40 поени од можни 100 е на исто рамниште со Бугарија и Унгарија кои бележат пад во довербата на институциите. Со истиот број на поени се и Буркина Фасо, Куба, Танзанија и Гвајана. Од регионот сме пред Албанија, Србија и Босна и Херцеговина. Косово, со 46 поени, е подобро позиционирано, а пред нас се и Црна Гора, Хрватска и Словенија.
Фактот дека резултатот е идентичен со минатогодишниот, за претседателот на „Транспарентност-Македонија“, покажува дека нема суштински напредок во борбата против корупцијата, иако минатата година нѝ одело подобро од четири други држави.
„Клучните системски проблеми и понатаму остануваат – неуспешните и недовршени реформи во судството и обвинителството кои не успеваат да обезбедат ефикасен, независен и одговорен правосуден систем. Загрижува и нетранспарентниот процес на изготвување на измените на Кривичниот законик, како и нивната содржина, која не само што не придонесе за зајакнување на антикорупциската рамка, туку во одредени сегменти ја ослаби. Исто така, сè уште не се донесени и новиот Закон за укажувачи, како и измените на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, едни од најважните закони во борбата против корупцијата“, изјави Благоја Пандовски, претседател на „Транспарентност-Македонија“.
За него, овие резултати испраќаат јасна порака: без вистинска политичка волја, транспарентни процеси и отчетни институции, државата ќе остане заглавена во стагнација. Укажува дека борбата против корупцијата мора да се третира како врвен државен приоритет, а не како декларативна заложба.
Истражувањето покажува и дека корупцијата се влошува на глобално ниво. Драматично се намалил бројот на земји кои имаат повеќе од 80 поени, ниво кое укажува дека јавната управа во таа земја е чиста. Пред 10 години такви земји имало 12, а годинава само пет.
Огромно мнозинство на држави не успеваат да ја држат корупцијата под контрола: 122 од 182 имаат резултат под 50 во индексот.
Особено е загрижувачки трендот на влошување во САД, Канада, Нов Зеланд, Обединетото Кралство, Франција и Шведска кои некогаш беа сметани за лидери во борбата против корупцијата.
Иако бележи благ пад, Данска останува прва на листата со 89 поени, пред Финска, Сингапур и Швајцарија кои се соочуваат со критики за олеснување на движењето на „валкани пари“.
Најниско на листата се Јужен Судан, Сомалија, Венецуела, Јемен, Либија и Еритреја, држави во кои корупцијата е длабоко вградена во политичкиот и институционалниот систем.
Далиборка Демјанска Цветановска
