Запленети се 27 тони марихуана одгледувана за медицински цели по претресите во Скопје и во Струмица. Акцијата е поврзана со пронајдените 5 тони марихуана во Србија, кои тамошните власти тврдат дека се од земјава. Во центарот на истрагата е компанијата „Алфафарм“ ДОО Скопје, чиј ко-сопственик Иван Драгниќ, кој е државјанин на нашиот северен сосед беше уапсен. Со неколку комбиња и камиони се изнесуваше марихуана тешка девет тони од објектот на „Алфафарм“ во кругот на фабриката Охис. Останатите 18 тони се запленети во струмичкиот регион од фирми поврзани со „Алфафарм“. Станува збор за најголема заплена на марихуана од независноста на државата до денес.
Истрагата која ја води Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција треба да даде одговор кој се бил инволвиран во шверцот на петте тони марихуана и евентуални организирани структури поврзани со случајот. Но, и што се планирало за овие 27 тони кои беа запленети. Премиерот Христијан Мицкоски веќе изјави дека медицинската марихуана незаконски била пуштана во промет и незаконски складирана.
Фирмата „Алфафарм“ е основана во 2023 година и лиценцирана за медицински канабис во 2024 година. Министерството за здравство, во координација со МВР претходно изврши вонредна контрола во компанијата. Секои три месеци оние фирми кои имаат лиценци за одгледување на медицински канабис треба редовно да го известуваат Министерството за здравство.
- „Од наша страна исто така со инспекторатот имаме годишен план, но имаме адхок посети ако тоа е потребно. Вториот дел дали излегуваат надвор и како тоа се пренесуваат една во друга институција според протоколите мора да не информираат, но ако е надвор од тие протоколи ние не сме надлежни како институција тоа е надлежно Министерството за за внатрешни работи“, рече Алиу.
Петте тони марихуана беа откриени на 29 јануари во фирма на двајца од осомничените татко и син во селото Коњух кај Крушевац, а ко-сопственикот на „Алфафарм“, Иван Драгниќ ја транспортирал дрогата преку граница. Со информации за акцијата се уште не излегоа од Министерството за внатрешни работи и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Мирјана Митевска
Б.С.
