Обвинителството утрово со службена белешка, по допрен глас отвори предмет и предистрага за научниот проект со кој се носеле мозочни ткива за заедничко истражување на македонските професори со научниците од Колумбија унивезритетот. Случајот во јавноста веќе го доби името „извоз на мозоци во САД“, а обвинителството ќе го проверува главното прашање – дали проектот бил усогласен со законските и етичките норми и дали ги имале сите согласности од блиските на пациентите чии ткива се користени во проектот и носени во Њујорк.
„Предметот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кое треба да преземе дејствија на прибирање официјални информации од надлежните органи, институции и здравствени установи, во насока на утврдување на евентуално нелегално постапување со човечки ткива и биоматеријали, пропусти или злоупотреби при добивање дозволи и согласности“, соопшти Јавното обвинителство.
Проектот е почнат во 1996 година, а официјално завршен во 2017 година. Материјалите од проектот требало да се чуваат 15 години, а со нови законски одредби научните материјали од истражувањата сега треба да се чуваат 25 години.
Министерот Алиу лично не верува дека научниците можеле да направат кривично и неетичко дело, но во министерството е формирана работана група која ја истражува документацијата.
Старото научно истражување предизвика бура во јавноста, откако новинарски текст во кој се спомнува беше објавен како дел од таканареченеите Епстин документи, објавени во САД.
Миомир Серафиновиќ
