Власта и опозицијата никако да се разберат околу иднината на техничката влада. Опозицијата во очекување без политички консензус власта да ја укине, на што од власта им одговорија дека опозицијата не го разбрала контекстот на техничката влада.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека очекува власта да ја укине техничката влада без нивна согласност.
- „Да, апсолутно. Очекувам да ги продолжи тие авторитарни манири во коишто нема слух за предлозите на опозицијата, нема аргументи и туку така ги откачува. И еве ги нашите аргументи. Ако таа влада била донесена со консензус, зошто сега оваа тендер-коалиција сака да ја укине без консензус? Па уште кажуваат „еве сега ќе има ама следниот изборен циклус нема да има. Ние имаме аргументи, тоа треба да се одлучи врз основа на проценката на сите политички фактори, со консензус“, вели Филипче.
Според Филипче лесно е со две третини да се прави што се сака, но оти е политички коректно да се има слух за аргументите на другите политички фактори.
Премиерот и лидер на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на ова му возврати дека тоа е механизам и инструмент во други времиња.
- „Можеби не го разбрал контекстот за техничка влада. Ние рековме на следните избори да има техничка влада, бидејќи тие таа сакаат. Но после следните, тие што ќе бидат не знам кога, значи после овие што ќе бидат редовни во 2028 година, да нема. Затоа што нема логика повеќе да имаме техничка влада. Тој механизам и тој инструмент беше во други времиња“, изјави Мицкоски.
Како аргумент за укинување на техничката влада не од следните парламентари изборни, туку од тие потоа, Мицкоски го наведе укинувањето на постмониторингот за Македонија од страна на Советот на Европа како земја во кое има владеење на правото, демократија и оти владата може да спроведе фер избори.
За увереноста на Филипче дека актуелната влада нема да издржи до 2028 година и ќе има предвремени избори, наведувајќи ја притоа како причина кризата, која како што вели, ја очекува земјава, генерирана од власта, Мицкоски му одговори дека останува на планот за редовни избори во 2028 и дека сега нема намера да оди на предвремени избори.
Тамара Грнчароска
Б.С.
