Алекс Прети бил насилно соборен на земја од федерални имиграциски агенти откако со нога го скршил задното светло на нивното возило за време на протест во Минеаполис, 11 дена пред да биде застрелан и убиен од полицајци на граничната патрола, покажува видео кое почна да кружи на интернет.
Видеото, снимено од „The News Movement“ на 13 јануари, го прикажува Прети како им извикува пцовки на федералните полицајци, по што го удира службеното возило и го крши задното светло на автомобилот во кој биле тие. Полицајците излегуваат од автомобилот, а на снимката се гледа како Прети се бори со нив. Неговиот капут му се соблекува додека е на земја, по што тој или успева да се ослободи, или полицајците го пуштаат, па станува.
Кога се врти со грб кон камерата, во неговиот појас се забележува предмет што наликува на пиштол. Во ниту еден момент од видеото не се гледа Прети како посегнува по оружјето, ниту пак е јасно дали федералните агенти го забележале.
Лице запознаено со инцидентот потврди за Асошиејтед Прес дека човекот на видеото е Алекс Прети и дека тој му ја раскажал конфронтацијата на своето семејство. Лицето зборуваше под услов на анонимност поради чувствителноста на случајот за семејството.
Новите видеа, снимени неделата пред смртоносното пукање, доаѓаат од два извори. Едното, објавено од „Минесота Стар Трибјун“, а подоцна добиено од АП, го снимил сведокот Макс Шапиро. Другото видео е направено од екипа на онлајн медиумот „The News Movement“.
Објавувањето на видеата повторно ја разгоре националната дебата за смртта на 37-годишниот Прети,. Доналд Трамп Џуниор, најстариот син на претседателот, објави едно од видеата на платформата „X“ со коментар: „Само мирен правен набљудувач“.
Стив Шлајхер, адвокат од Минеаполис кој ги застапува родителите на Прети, изјави дека претходната расправија во никој случај не го оправдува смртоносното пукање.
„Една недела пред Алекс да биде застрелан на улица — и покрај тоа што не претставувал закана за никого — тој бил насилно нападнат од група агенти на Имиграциската и царинската служба (ICE)“, наведе Шлајхер во писмена изјава. „Ништо што се случило една недела претходно не може да го оправда убиството на Алекс од рацете на ICE на 24 јануари“.
Одделот за истраги на домашната безбедност ги разгледува новите видеа и поврзаните инциденти, изјави портпарол на институцијата. Засега не е познато дали некој од полицајците вклучени во претходниот инцидент бил присутен и при смртоносното пукање.
Смртоносната престрелка од минатиот викенд се случила на тротоар покрај улица каде што Прети ги снимал имиграциските полицајци. На видеото снимено од очевидци од инцидентот на 24 јануари, се гледа како еден полицаец го турка Прети, по што тој паѓа на земја, а околу половина дузина полицајци се обидуваат да го совладаат.
Еден од полицајците го забележува оружјето на Прети — за кое тој имал законска дозвола да го носи — и извикнува: „Има пиштол“. Потоа двајца полицајци отвораат оган, по што Прети е убиен.
We need to get to a place where citizens understand that no matter how upset you are you can’t do this with law enforcement, Alex Preti did not deserve to die 12 days later, we can’t have people acting like this, it will lead to more violent confrontations pic.twitter.com/gD7W5xK3IP
— Proudly Gen X (@whiter069) January 29, 2026
Т.Д.
