Од денеска стапуваат на сила мерките со кои се ограничува слободата на движење на руските дипломати во Европската Унија, со цел спречување на шпионажа и ширење дезинформации.
Мерките се дел од пакетот санкции против Русија и беа формално усвоени во октомври минатата година.
Според новите правила, при патување низ Шенген зоната надвор од земјата домаќин, руските дипломати, конзуларните службеници, нивниот персонал и членовите на нивните семејства ќе мора најмалку 24 часа однапред да ја известат земјата на дестинација, како и транзитните земји.
Земјите-членки добиваат можност и да воведат дополнително одобрување за влез или транзит во случаи на сомневање.
Од Европската Унија наведуваат дека мерките се воведени поради учество на поединци во разузнавачки активности, вклучително и шпионажа и дезинформациски кампањи поврзани со војната во Украина.
Прекршувањето на правилата може да резултира со губење на дипломатскиот статус, а Брисел нагласува дека целта е заштита на безбедноста и јавното мислење во Унијата.
