Најважни Спорт Фудбал

Тежок дебакл во Кардиф: Македонија го доживеа вториот најубедлив пораз во историјата

Македонската фудбалска репрезентација загуби со неверојатни 7-1 на гостувањето кај Велс во последното коло од квалификациите за Светското првенство 2026 година. Со овој пораз нашиот тим финишира на третото место во групата, но ќе игра во баражот за Мундијалот благодарение на одличниот настап во Лигата на нации. Во ждрепката, Македонија ќе биде меѓу најслабо рангираните селекции односно ќе го чека противникот од четвртиот барабан.

Велс комплетно издоминира во Кардиф вечерва, а Македонија сосема заслужено го запиша првиот пораз во мундијалските квалификации и прв по точно две години на официјалните натпревари.

Хари Вилсон го отвори резултатот од пенал во 18-тата минута, а само три минути подоцна веќе беше 2-0 со голот на Дејвид Брукс. Македонија одговори доста брзо преку Бојан Миовски во 23-тата минута, но на крајот се покажа дека тоа беше единствениот блесок на нашите фудбалери вечерва. Бренан Џонсон со одличен удар од далечина зголеми на 3-1 во 37-та минута.

Во вториот дел, селекторот Благоја Милевски направи две офанзивни измени во составот, но тоа не ги промени работите на подобро. Даниел Џејмс погоди за 4-1 во 57-та минута. Хари Вилсон зголеми на 5-1 со неверојатен гол од слободен удар, а истиот играч од пенал зголеми на 6-1 во 81-та минута за да запише хет-трик. Нејтан Бродхед ги постави конечните 7-1 во 88-та минута.

За Македонија ова е втор најубедлив пораз во историјата, по оние 7-0 од Англија во јуни 2023 во квалификациите за Европското првенство во 2024 година.

Нашиот тим треба што побрзо да го заборави овој настап и да се фокусира на мартовскиот бараж. Ждрепката е закажана за во четврток (20 ноември) во Цирих, а Македонија ќе биде сместена во четвртиот квалитативен барабан, што значи дека во полуфиналниот бараж ќе игра на гостински терен и ќе добие противник од првиот барабан.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски доби притвор

Sasko Dimovski

Ги убивал, па мртви ги силувал, три од жртвите се убиени на Бадник – обвинение за серискиот убиец

Дејан Дејан

Почнуваат разговори за владина реконструкција – од Влада велат се работи за чувствителен процес

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе