Буџетот е домаќински скроен, служи за фискална консолидација и, нормално, има социјална и развојна компонента во делот на она што граѓаните, домаќинствата го очекуваат од еден буџет, нормално преку програми и сектори кои што влијаатврз нивниот живот, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ во вечерашната дебата во „Топ тема“ на Телма ТВ.
„Имаме зголемување кон социјалната заштита и пензиите. Значи имаме средства за пензии кои што ќе бидат поголеми за повеќе од 10 проценти, така што да не се грижат пензионерите, ќе има повеќе пари за нив. Ќе ги поддржиме нивните буџети, согласно со зголемените трошоци за живот“, рече Петрушевски.
Тој негира дека буџетот на министерството за социјална заштита е намален.
„Напротив, зголемен е. Ќе има сериозна поддршка за сите ранливи категории и тоа е уште една невистина која што се кажува. Ќе има зголемена поддршка за здравствена заштита, затоа што имаме поголем буџет во здравството, ќе има пари кои што ќе бидат насочени кон подобрување на јавното здравство, нова медицинска опрема, новиуслуги за пациентите. Ќе има зголемени средства во образованието за 3,4 проценти, со акцент на основното, средното и високото образование“, додаде Петрушевски.
Согласно предложениот буџет, вели Петрушевски, „очекуваме раст на просечната нето плата за 6,5 проценти и зголемување на бројот на вработени за 1,6 проценти, што ќе значи пад на невработеноста на некаде 10 проценти“.
„И во буџетот има зголемување на плати за 7 проценти, што ќе значи повисоки плати во образование, во здравство, во полиција, итн.“, дополни Петрушевски кој патем истакна дека проекциите не се манипулативни, туку реални.
С.Д.
