Израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир изјави дека високи претставници на ткн палестинска власт треба да бидат елиминирани доколку дојде до зголемено признавање на државата Палестина во системот на Обединетите Нации.
Зборувајќи на состанокот на неговата партија од екстремната десница, Отцма Јехудит, Бен Гвир, кој е дел од владеачката коалиција предводена од Нетанјаху, ги нарече претставниците на палестинската власт – терористи.
„Доколку се забрза процесот на признавање на палестинската терористистичка држава и ОН ја признаат Палестинската држава, треба да бидат наредени таргетирани атентати на високо рангирани претставници на палестинската власт, кои по секоја основа може да ги сметаме за терористи“ – изјави Бен Гвир.
Советот за безбедност на ОН денеска ќе гласа за предлог резолуцијата со која се поддржува мировниот план за Газа, претставен од администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, а со која ќе се поддржи и формирањето на меѓународни сили за безбедносна стабилизација.
Бен Гвир додал и дека палестинскиот претседател, Махмуд Абас, треба да биде уапсен, доколку признавањето на палестинската држава добие поддршка во ОН, додавајќи дека него веќе го чека „самица“ во озлогласениот израелски затвор Кетциот.
Н.И
