Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, преку официјалниот профил на ФБ информираше дека е на Клиника каде имал операција.
„Денеска во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје бев подложен на успешна хируршка интервенција и се чувствувам стабилно. Во моментов сум под надзор на лекарите, по што следува краток период на опоравување“, напиша тој.
Тошковски уверува дека МВР „продолжува непречено и ефикасно да функционира согласно утврдените процедури. Целиот тим професионално си ги извршува обврските и моето привремено отсуство нема да има никакво влијание врз тековните процеси и активности, ниту пак врз безбедноста на граѓаните.“
Нема детали за тоа какви здравствени проблеми се во прашање и колку ќе трае опоравувањето на министерот.
“Веднаш по завршувањето на периодот на опоравување, се враќам на редовно извршување на моите обврски во полн капацитет“, напиша Тошковски.
Последното јавно појавување на Тошковски беше на вториот изборен круг кога одржа прес конференција по завршувањето на изборниот ден. Меѓу двата круга, ја предводеше владината делегација која положи венец цвеќе на споменикот на „Основачите на ВМРО“ во паркот Жена Борец во Скопје.
На веб сајтот на МВР, последна објава со јавен настап на министерот е од 19-ти октомври односно давањето на изјавата после неговото гласање во првиот изборен круг.
Миомир Серафиновиќ
