Вести Македонија

Прво опомени, па потоа казни за фрлање ѓубре после 22 часот

Граѓаните со поделени реакции по новата одлука на Град Скопје, да се забрани фрлање смет во периодот од 22 до 6 часот. Дел од нив веруваат дека правилото конечно ќе донесе поголема чистота и ред, додека други сметаат дека промената е непотребна.

„Очекувам дека одлуката треба да влијае  врз свеста на сите граѓани и да се среди состојбата со сметот во Скопје“, смета жител.

Дел од граѓаните пак и посочуваат дека дел од проблемот со сметот во градот е и малиот број на контејнери.

„Ние што живееме во згради, имаме контејнер само за нас, ама проблем е што фирмите исто фрлаат тука и многу ѓубре се собира. Треба да се нареди фирмите да имаат посебно“, предлага граѓанка.

Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека мерката е пред се насочена кон правните субјекти кои, како што тврдат, најчесто го одлагаат отпадот непрописно и во доцните часови. Контролите ќе ги спроведуваат комуналните инспектори на градот и општините. На почеток ќе следуваат само опомени, а подоцна и казни. Оваа забрана важи за контејнерите на јавните површини, но не и за индивидуалните домаќинства што користат канти.

„Мислам дека на почеток ова ќе оди само со опомени, а потоа ќе следат и казни. Навистина имаме проблем од непрописно и ненавремено одлагање на отпад“, изјави Драги Митковски, в.д. директор на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“.

За да ја провериме моменталната состојба, направивме обиколка низ неколку локации во Скопје. Контејнерите на јавните површини во најголем дел беа празни, но малите корпи покрај автобуските постојки беа преполни. На терен затекнавме и екипи на Комунална хигиена како чистат.

Советот на Град Скопје во петокот изгласаа од 22 до 6 часот да не смее да се фрла смет во контејнерите, а оние кои ќе го прекршат тоа да платат казна од 50 евра.

Повеќето држави од нашето опкружување и пошироко наместо забрани за ноќно фрлање отпад се фокусираат на негово селектирање и правилно одлагање.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Два силни земјотреси со јачина од 7.5 и 7.2 степени ја погодија Венецуела

Дејан Дејан

ЕУ до 2029 година ќе воведе дигитално евро

Sasko Dimovski

Франција втор ден по ред го регистрира најжешкиот ден во историјата

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе