Нема неправилности во работењето на Клиниките за дигестивна хирургија и Гастроентерохепатологија за случајот со починатата 37-годишна Елена Ѓорѓиевска. Ова го утврдиле државните инспектори по вонредниот надзор во клиниките кои побарале од Министерството за здравство да формира комисија за стручен надзор која ќе треба да утврди дали постои пропуст во лекувањето.
„Од увидот констатирано е дека пациентката подолг период боледувала од автоимуно заболување. Во 2025 година во два наврата била хоспитализирана во ЈЗУ УК за гастроентерохепатологија. Во ЈЗУ УК за дигестивна хирургија била хоспитализирана во период од крајот на септември до почетокот на ноември 2025 година. Во текот на хоспитализацијата биле завршени дијагностички иследувања, давана терапија и направени две хируршки интервенции. Испишана на 01.11.2025 година во добра општа состојба, со уреден локален наод и даден совет за терапија и хигиенодиетски режим“, наведуваат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
Од министерството за здравство велат дека е формирана комисија која ќе го истражи случајот.
Денеска, пак, директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, Огнен Костовски го свика и стручниот колегиум кој го разгледуваше текот на лекувањето на сега починатата 37-годишна Елена Ѓорѓиевска. Повеќе детали засега не откриваат.
„Како директор, формирав и дисциплинска комисија која ќе има обврска да го разгледа случајот со инволвираните колеги, а ќе ја води професор Реџеп Селмани“, рече Огнен Костовски, директор на Клиника за дигестивна хирургија.
Одговорноста за смртта на Елена семејството ја лоцира во хирургот Ѓорѓи Јота кој ја оперирал и заминал во странство, а притоа не бил одреден друг доктор специјалист кој ќе ја следи нејзината состојбата.
Доктор Јота, пак, вели дека не постои лекарска грешка од негова страна, туку дека смртниот исход настапил поради емболија која не можело да се предвиди дека ќе се случи после отпустот од болницата. Според Јота, тој ја оставил пациентката на друг доктор специјалист.
„Јас на почетокот одбив да ја оперирам, бидејќи требаше да патувам и не сакам да оперирам пациент пред да патувам, сакам да оперирам и да го водам до крај. Бидејќи се работеше за едноставна операција и на молење на болната и на фамилијата јас, сепак, ја оперирав. Се направи кратка и едноставна операција за да има поквалитетен живот. Постоперативно почна да повраќа и се посомневав во желудникот. Беше пратена на гастроскопија за да се констатира сомнителна мултисистемска кронова болест и на желудникот и на дванаесетпалачното црево. Во консултација со колегите од Гастро беше дадена терапија, после тоа заминав на конгрес во Америка и ја оставив кај колега специјалист да се грижи за неа“, изјави Ѓорѓи Јота хирург на Клиниката за дигестивна хирургија.
Елена Ѓорѓиевска на 37 години починала дома, осум часа откако била отпуштена од болница по извршени две операции.
Симона Петровска
