Вести Македонија Топ вести

Далекуводи без имотни листови и казнени камати на одобрени заеми – ревизорски извештај за работењето на МЕПСО

Плаќање на пенали поради неповлечени пари од одобрени кредити, давање заеми на државни компании кои не може да ги вратат и бавен процес на впишување на имотот што влијае врз финансискиот резултат од работењето. Ова се клучните забелешки на државниот ревизор за работењето на операторот на електропреносниот систем, МЕПСО, за 2024 година.

Од МЕПСО, пак, велат дека целосно го прифаќаат извештајот и работат на отстранување на забелешките и слабостите затекнати од претходните раководства.

Ревизорот утврдил дека од 112 далекуводи, МЕПСО има имотен лист за само 53, додека за 59 далекуводи се почнати постапки за утврдување на правниот статус, но станува збор за сложени и долготрајни процеси, поради големиот број локации и нерешените имотно-правни односи. Слично е и со трафостаниците, бидејќи 33 такви објекти се заедничка сопственост на МЕПСО и ЕВН, но во Катастарот се водат на име на ЕВН.

Кога станува збор за финансиите, клучната забелешка е што МЕПСО не ги повлекува парите од одобрените заеми и затоа плаќа камати, но и дека дава парични заеми на државни фирми кои потоа не може да ги вратат и затоа таа пракса мора да запре.

„Вкупниот износ на одобрени тековни заеми изнесува 102 милиони евра од кои 52%, односно 53 милиони евра, не се повлечени. Заклучно со 2024 година, за земените заеми, платени се провизии за одобрување и неповлечени средства, како и камати во вкупен износ од 8,9 милиони евра, што претставува 8,8% од вкупниот износ на одобрени заеми“, се нотира во извештајот на ДЗР. 

Ревизорот забележува дека повеќе од половина од новите службеници не ги исполнувале условите во огласот за вработување, а голем дел веднаш потоа биле прераспоредени или унапредени.

Од МЕПСО одговараат дека огласот за вработување е од 2023 година, како и дека најголем дел од забелешките се однесува на работењето на претходното раководство.

„Во септември 2025 година беше формирана нова работна група со ЕВН за регулирање на сопственоста на трафостаниците. Договорено е процесот да се одвива во две фази, преку меѓусебно регулирање на сосопственичките права и преку утврдување на фактичката состојба кај објектите што сè уште не се целосно запишани“, информираат од МЕПСО. 

Кога станува збор за модернизацијата и инвестициските процеси, од МЕПСО велат дека ги деблокираат, а за пример го посочуваат стартот на изградбата на далекуводот кон Албанија.

Од државната компанија соопштија дека со кратење на рокови и зголемување на финансиските гаранции ја зголемиле дисциплината на учесниците на пазарот на електрична енергија.

Огнен Чанчаревиќ

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Финансов директор на Тутунскиот комбинат во Прилеп за фиктивни услуги исплатил повеќе од 23 000 евра

Дејан Дејан

Петровска: Платите во Армијата и во МО не се зголемени две години – Мисајловски: Ќе растат во наредниот период

Sasko Dimovski

Oбвинувања за предавство, закани со затвор и опсесија со голи функционери – пратенички прашања во собранието

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе