Традиционално потфрламе во остварување на капиталните инвестиции кои се еден од потенцијалните генератори за раст и развој на националната економија и тоа е загрижувачки, истакна Зоран Ивановски, универзитетски професор, во вечерашната дебата во „Вин-Вин“ на ТВ Телма.
„Секоја година се случува со ребалансот истите, заради неостварувањето, да се трансферираат во тековни расходи. И ова е дијагноза која е констатирана и од Фискалниот совет, стручен орган кој ѝ служи на владата, на државата, да даде свои стручни насоки околу тоа како треба да биде буџетот“, вели Ивановски.
Тој истакна и за конкретни насоки во правец.
„Ако се примени мерка која е многу добро осмислена, ќе се елиминира праксата на преамбициозни капитални расходи и ниски стапки на остварување. Препораката е неискористените средства да се трансферираат во специјален фонд за развој кои ќе продолжат да се користат во наредната година, придружено со нови трезорски правила со кои дополнително би се зајакнала контролата на трошењето на јавните пари и би се елиминирала корупцијата која евидентно владее особено во делот на буџетските трошења“, додаде Ивановски.
С.Д.
