Од управниот одбор на „Комунална хигиена Скопје“ негираат дека го блокирале работењето на Јавното претпријатие, бидејќи во изминатите четири години ги изгласале сите Планови за јавни набавки, Инвестициони програми и Оперативни програми и планови предложени од директорите. Топката за одговорност ја префрлаат кај директорите на „Комунална хигиена“ кои се задолжени за реализација на сите програми и планови.
Во јуни побарале и разрешуввање на в.д. директорот Сабахадин Рустеми, а истакнуваат и дека повеќепати од почетокот на летото досега барале од градоначалничката Арсовска итно да го реши проблемот со финансиската состојба на претпријатието и намалениот капацитет на собирање и транспорт на комуналниот отпад.
Од управниот одбор информираат дека во ноември во 2023-та година, без нивно знаење, тогашниот директор потпишал анекс со ЈП „Водовод и канализација“ според која наплатата од граѓаните да се префрла најдоцна до 10-ти од наредниот месец, наместо секојдневно.
„За жал, ЈП „Водовод и канализација“ не се придржува ниту до овој рок и средствата ги исплаќа со уште поголемо задоцнување, така што оттогаш постојано има акумулирано заостанат долг кон ЈП „Комунална хигиена Скопје“. На овој начин, ЈП „Комунална хигиена Скопје“ е доведено во максимално неповолна позиција да не може да ги користи сопствените средства“, стои во соопштението од „Комунална хигиена“.
Од управниот одбор побарале поништување на анексотм како и вонредна ревизија на работењето на претпријатието.
