Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер синоќа загуби со десет голови разлика на гостувањето кај актуелниот бранител на трофејот во Лигата на шампиони, Магдебург. Битолчани го запишаа петиот пораз во низа во елитата.
Магдебург очекувано комплетно доминираше на свој терен против нашиот тим. Пелистер не водеше ниту еднаш на натпреварот, а имаше само минимална негатива се до 8-7. Потоа Германците само ја зголемуваа предноста, а на полувремето резултатот гласеше 19-13. Доминацијата на Магдебург продолжи и во вториот дел во кој домашниот тим имаше и највисока предност од 11 голови разлика. Конечниот резултат гласеше 36-26.
Капитенот Филип Кузмановски беше најефикасен кај Еурофарм Пелистер со шест голови против својот поранешен клуб, Алем Хаџиќимаше четири. Омар Инги Магнусон со 10 голови беше најдобар кај Магдебург, а голманот Сергеј Ернандез Ферер собра 14 одбрани.
Битолчани по шест одиграни натпревари во групата Б, се наоѓаат на претпоследното, седмо место на табелата со два бода. Само Загреб е зад нашиот шампион, кој досега нема освоено бод. Магдебург е прв со максимални12 бодови, пред Барселона со 10, Висла е трета со осум, потоа следуваат Пик Сегед и ГОГ со по шест, додека ПСЖ има само четири бодови.
Во следното седмо коло, што се игра по ЕХФ-неделата, односно на 11 ноември, Пелистер на домашен терен ќе го пречека Пик Сегед со надеж дека ќе успее да ја прекине лошата низа.
