Вести Македонија Топ вести

Почнуваат интервјуата со кандидатите за македонски судија во Стразбур

В понеделник почнуваат интервјуата со кандидатите за македонски судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Комисијата за избор на кандидати соопшти дека задутре ќе одржи состанок во просториите на Уставниот суд по што ќе ги спроведе интервјуата кои ќе се одвиваат на англиски и на француски јазик.

На конкурсот се пријавија 20 кандидати, а првиот филтер го поминаа 11 кои ќе бидат интервјуирани.

„Поради зголемување на транспарентноста во процесот за избор на кандидат за судија во Стразбур, Комисијата одлучи интервјуирањето да биде спроведено пред независни набљудувачи. Поканети се претставници од невладините организации „Коалиција сите за правично судење“ и „Македонско здружение на млади правници“, соопшти Комисијата за избор на кандидати за судија во Стразбур.

Изборот на кандидат за македонски судија во Стразбур го следат низа контроверзии, откако Владата кон крајот на јули го поништи претходниот избор, ја разреши старата Комисија и формираше нова. Владата тогаш соопшти дека ниту еден од тројцата кандидати не ги исполнува условите. Одлуката наиде на критики од невладиниот сектор.

Огласот за Судија во Стразбур беше објавен на 14 април годинава. Комисијата потоа избра тројца кандидати – судијката Габриела Гајдова, обвинителката Ленче Ристоска и адвокатот Јордан Апостолски. Потоа, тројцата предложени требаше да ги испрати на мислење во Меѓународниот советодавен панел на експерти на Совет на Европа, па заедно со мислењето од Советот на Европа ги доставува до владата. Владата потоа треба да ја усвои листата и да ја достави до Парламентарното Собрание на Советот на Европа, кое од тројцата предложени треба да го избере новиот судија.

Владата го поништи изборот и формира нова Комисија која сега треба да избере тројца кандидати од кои треба да се избере новиот судија. Гајдова и Ристоска бараа да се каже кои критериуми не ги исполнуваат.

Новиот оглас беше објавен на почетокот на септември и траеше 30 дена.

Македонски судија во Стразбур во моментов е Јован Илијевски, кому мандатот му истекува на 1 февруари 2026 година.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Потврден случај на „Денга треска“ кај 42-годишен маж од Бангладеш

Дејан Дејан

Сеизмолошка опсерваторија при ПМФ со анализа за земјотресот во Венецуела – Земјотресите не можат да се предвидат, но последиците можат да се намалат

Дејан Дејан

СДСМ: Две години Тошковски на чело на МВР – Распад на безбедносниот систем, партизација и заштита на криминалци

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе