Германскиот канцелар Фридрих Мерц најави дека во следните неколку дена ќе се одржи конститутивна седница на Советот за национална безбедност, на која ќе се разгледува Акциски план за заштита од хибридни напади.
Мерц ја обвини Русија за обиди за дестабилизација на Германија и Европа преку саботажи, шпионажа, убиства, сајбернапади и ширење дезинформации. Канцеларот остро се осврна и на партијата Алтернатива за Германија, обвинувајќи ја дека некои од нападите „доаѓаат дури и од нивните редови“.
Тој повтори дека Германија ќе продолжи со поддршката за Украина „сè додека е потребно“, а на претстојниот состанок на Европскиот совет ќе се разговара за зголемен притисок врз Москва за почеток на мировни преговори.
Меѓувреме, ЕУ го подготвува 19-тиот пакет санкции против Русија. Мерц предложи замрзнатите средства на руската централна банка да се пренасочат кон Украина во форма на бескаматен заем за воена помош, кој Киев ќе почне да го враќа дури кога Москва ќе почне да исплаќа воени репарации.
Т.Д.
