Јавна морална осуда упати Комисијата за етички и правни прашања при Лекарска комора по видеоснимката на социјалните медиуми во која беше инволвиран доктор Игор Кузмановски, кој подоцна беше разрешен од позицијата в.д. директор на Клиниката на Неврологија.
„Оваа се прави со цел да се заштити интегритетот и угледот на лекарската професија, бидејќи однесувањето прикажано на снимката ги нарушува довербата во професијата и не е во согласност со високите морално-етички стандарди кои се очекуваат“, се наведува во соопштението на Лекарската комора.
Од Комората нагласуваат дека доктор Кузмановски, како и секој лекар, треба да биде свесен за својата улога и значење во заедницата.
„Од лекарите се очекува, како во професионалниот, така и во приватниот живот, да негуваат и покажуваат лични квалитети кои соодветствуваат на местото и достоинството на лекарската професија во општеството. Секој несоодветен, лекомислен, нечесен или понижувачки акт, покрај тоа што го компромитира самиот поединец, истовремено ги компромитира и сите негови колеги“, порачуваат од Комората.
Комисијата, се посочува во соопштението, „детално ја разгледала документацијата од Министерството за здравство, направила проверка и на поднесените претставки до Комората за евентуални етички пропусти во работењето, при што констатира дека нема случај поврзан со доктор Кузмановски“.
По добивање на официјалните извештаи од стручните комисии формирани за случајот од Министерството за здравство и од ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија и комплетирањето на информациите, Комисијата ќе донесе заклучок за натамошно постапување во однос на прекршувањето на етичките норми.
Доктор Кузмановски и натаму останува без активна лиценца за вршење докторска дејност, а барањето за нејзино повторно добивање ќе биде дополнително разгледано, додаваат од Комората. За работа шест месеци без активна лекарска лиценца, неврологот Кузмановски ќе треба да плати 500 евра прекршочна казна.
С.Д.
