Кога реално ќе почне изградбата на брзата пруга? – Пред неколку месеци првите изјави беа дека оваа есен ќе стартуваат првите градежни активности. Денеска премиерот Мицкоски соопшти дека реализацијата ќе се случи дури во октомври, ноември наредната година, а сега се изготвувале потребните студии.
„Во овој момент работите одат во насока во која треба да одат, како што ги планиравме. Министерството за транспорт прави физибилити студија и студија за оценка на животната средина. Тој е процес кој што трае 270 дена. Од прилика треба да заврши некаде во мај или јуни. Потоа ќе се влезе во избор на конкурентен дијалог за изведувач на проектот и очекуваме октомври-ноември наредната есен, затоа рекол така и министерот, да отпочне да отпочне реализацијата на овој проект“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Пред неколку месеци, пак, министерот за транспорт Николовски од Лондон кажа дека амбициите се во текот на летото да има договори, а на есен работа на терен.
Неговиот колега, пак, директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, пак, пред извесно време рече дека оваа есен ќе се почне со геолошки и геотехнички истражувања. Тоа го повтори и денеска. А силна механизација очекува или до крајот на годината или на пролет наредната година.
„Ако е рокот за завршување девет месеци на сите овие студии кои би биле завршени и до основен проект и потоа до избор на компанија, некаде во 2026 година би имало реални градежни активности на траса, но не дека и сега геолошки, геомеханички и друг вид на испитувања на трасата“, изјави Синиша Ивановски, директор на МЖ Инфраструктура.
Но, од приложеното на надлежните засега може да се види дека за брзата пруга сè уште се работи само на изготвување на потребните документи физибилити студија, студија за проценка на животната средина и други.
Овие документи треба да се дадат на оној кој ќе пројави интерес да ја финансира пругата. Мицкоски кажа дека имало еден понудувач кој дал исклучително добри услови. Но, каква ќе биде конечната понуда за финансирањето, односно каматната стапка ќе зависи токму од овие студии.
Министерството за финансии пред неколку месеци испрати писмо со барање до повеќе меѓународни финансиски институции и банки за да се обезбедат пари за пругата. Гарант за заемот и изградбата е Обединетото Кралство.
Ирена Чачкова
