Локалните избори в недела (19 октомври) ќе ги следат 1.341 набљудувач од кои 700 домашни и 639 меѓународни, како и двајца странски новинари, беше соопштено на денешната седница на Државната изборна комисија (ДИК) која веќе врши достава на недоверливиот изборен материјал до сите општински комисии, а в четврток и петок ќе се доставува и доверливиот изборен материјал.
Доставата на доверливиот изборен материјал, како што истакна претседателот на Комисијата Борис Кондарко, се врши под целосно и постојано обезбедување на МВР.
„Во четврток ќе бидат доставени избирачките списоци и сите гласачки ливчиња до сите општински изборни комисии, додека в петок ќе бидат доставени уредите за биометриска идентификација од страна на нас, како членови на ДИК заедно со вработените и сите други лица кои се овластени и ангажирани од ДИК до сите општински изборни комисии во државата“, истакна Кондарко.
Во врска со планот за работа на ДИК, тој појасни дека по објавување на првичните неофицијални резултати, добиени по електронски пат, кои ќе се објавуваат сукцесивно во живо во текот на изборната вечер, по завршување на гласањето, наредниот ден на 20 во понеделникот, ДИК направила план за прием и достава на оригиналниот изборен доверлив материјал, сите записници од избирачките места и сите записници од утврдувањето на резултатите од гласањето од страна на општинските изборни комисии.
„Во понеделникот вечер ДИК ќе ги објави и првичните официјални резултати врз основа на писмените оригинални записници од секое избирачко место и од секоја општинска изборна комисија“, најави Кондарко и додаде дека на денот на изборите на секој два часа ќе се соопштува излезноста на гласањето по општини.
На седницата беа прифатени и барања за набљудување на локалните избори поднесени од домашни и меѓународни организации пристигнати меѓу две седници на ДИК. Според Светлана Карапетрова, член на ДИК, до Комисијата пристигнале барања за вкупно 1.341 набљудувач од кои 700 домашни и 639 меѓународни и двајца странски новинари.
На денешната седница на ДИК беа разгледани и поднесени приговори од гласачи, одбиени од општинските изборни комисии по барања за гласање во домашни услови како болни и немоќни лица. Дел од барањата беа прифатени, а дел одбиени како неосновани.
