Целосно реновиран болнички оддел е отворен денеска на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ). Според директорот на ТОАРИЛУЦ, Игор Мерџаноски, реновирањето на болничкиот оддел претставува значаен чекор напред во подобрувањето на здравствената заштита на пациентите.
„Со оваа инвестиција не само што добиваме современ и функционален простор, туку создадовме услови за највисоките медицински стандарди за подобра дијагностика, побрзо лекување и поголема удобност на пациентите. Нашите пациенти заслужуваат современи услови и највисок квалитет на услуга, а нашите лекари и медицински сестри заслужуваат средина во која можат да ја покажат својата професионалност и хуманост во најдобро светло. Со отворањето на целосно реновиран болнички оддел на ТОАРИЛУЦ правиме чекор кон помодерно, похумано и поефикасно здравство“, рече доктор Мерџаноски.
Тој најави дека ТОАРИЛУЦ продолжува со проектите за реновирање на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) која ќе биде опремена со најсовремена апаратура за интензивно лекување, реновирање на оперативниот блок, а во следната година спиналниот центар за операции на рбетен столб ќе добие најнова апаратура со навигација со автоматизирана роботска рака со која ќе биде на мапата на светските центри за лекување на болестите на рбетниот столб.
Во тек е, додаде тој, набавка на најнова апаратура од сопствени средства, Декса скен за дијагностика на остеопороза и густина на коската.
Фото: mia.mk
