Кина ги заостри контролите за извоз на ретки метали и други материјали критични за производство на напредна технологија, додека продолжуваат трговските преговори со САД.
Земјата обработува околу 90% од ретките метали во светот, кои се користат во сè, од соларни панели до паметни телефони, а ова е клучен адут пред очекуваната средба меѓу кинескиот лидер Си Џинпинг и неговиот американски колега Доналд Трамп овој месец.
Пекинг веќе ја ограничи технологијата за обработка и неовластената соработка во странство, но со соопштението од четвртокот се формализираа правилата.
На странските компании сега им е потребно одобрение од кинеската влада за извоз на производи дури и со мали количини на ретки земни елементи, а исто така ќе мора да ја објаснат и нивната намена.
Министерството објави слични ограничувања за извоз на литиумски батерии и некои форми на графит, кои се исто така основни компоненти во глобалниот синџир на снабдување со технологија и во голема мера се произведуваат во Кина.
Пекинг изјави дека регулативите имаат за цел да „заштитат националната безбедност“. Една од главните цели на овие контроли се чини дека се странските производители на одбрана, вклучувајќи ги и оние во САД, кои се потпираат на ретки метали од Кина.
Кина додаде неколку ретки земни метали и сродни материјали на својата листа за контрола на извозот во април, како што се засили трговската војна со Вашингтон, што предизвика голем глобален недостиг.
Во новото соопштение јасно става до знаење дека е малку веројатно да се издадат лиценци на производителите на оружје и одредени компании во индустријата за чипови.
Дури и технологијата што се користи за рударство и преработка на ретки земни метали, или за производство на магнети од ретки земни метали, може да се извезува само со дозвола од владата, соопшти Министерството за трговија.
На кинеските фирми им е забрането да работат со странски компании за ретки метали без владина дозвола. Најновото соопштение, исто така, ги разјаснува специфичните технологии и процеси што се ограничени.
Тука спаѓаат рударство, топење и сепарација, производство на магнетни материјали и рециклирање на ретки земни метали од други ресурси.
Монтажата, дебагирањето, одржувањето, поправката и надградбата на производствената опрема се исто така забранети за извоз без дозвола, се додава во соопштението.Ова би можело да има големо влијание врз САД, кои имаат значајна индустрија за рударство на ретки земни метали, но немаат капацитети за преработка.
Зошто ограничувањето на извозот на ретки метали од Кина е удар за САД
Новите регулативи ја создаваат верзијата на Пекинг на американските правила, кои им забрануваат на земјите да продаваат опрема за производство на чипови на Кина.
САД ги искористија овие мерки за да го забават развојот на моќни чипови во Кина што би можеле да се користат за вештачка интелигенција со воени апликации.
Трговскиот експерт Алекс Капри верува дека новите кинески регулативи „се посебно темпирани“ пред очекуваната средба на Си и Трамп подоцна овој месец.
Пекинг ги таргетираше клучните слабости во производството на електроника и оружје во САД, отсликувајќи ги претходните потези на Америка против кинеската индустрија за чипови, додаде експертот Капри пренесува ББС.
Т.Д.
